ВМРО-ДПМНЕ контра опозицијата: Вие стоите позади сите манипулации и невистини и ги вознемирувате студентите
Од ВМРО-ДПМНЕ реагираат на пресот на опозицијата која денеска излезе со став барајќи од власта целосно да се откаже од екстерното тестирање.
Екстерното тестирање кое опозицијата го посочува е манипулација и невистина а она што ние го предлагаме е идеја за државен испит кој е премногу различен од екстерното полагање, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ .
Според владеачката ВМРО-ДПМНЕ опозицијата стои позади сите манипулации и невистини со кои ги вознемирува студентите.
-Сега СДСМ вулгарно сака да капитализира политички профит на грбот на студентите и да ги претстави како нивна експозитура што во суштина е класична злоупотреба и поигрување со студентите.СДСМ свесно и намерно сака да внесе забуна и шири дезинформации за реформата која се однесува за подобрување на знаењето и квалитетот во високото образование и полагање на државен испит, се вели во реакцијата на владејачката партија.
ВМРО-ДПМНЕ потенцираат дека кај екстерното се мери дали добиената оценка одговара на знаењето, а со државниот испит целта е да се евалуира дали студентот има минимално знаење за да го положи испитот.
-Не е вистина дека ваков државен испит не постои во други земји. Државен испит има во Полска, Ческа, Унгарија, Словачка. Предлогот е пред полагањето да се објави целиот пул на прашања така да студентот ќе биде подготвен за она што следува. Треба да се биде на јасно дека ова се прави токму за да се заштити квалитетот, и знаењето, да нема дипломи кои се без знаење туку напротив дипломи кои ке бидат еквивалент на стекнатото знаење и труд, се вели во реакцијата.
На оваа реакција пак реагира и опозицијата, напоменувајќи дека конфузијата во во ВМРО-ДПМНЕ околу екстерното тестирање во високото образование е се повидлива.
-„Ни самите не знаат како и во која форма ќе се реализира, а творците на оваа “реформа” различно ја именуваат: еднаш како екстерно тестирање, друг пат како државен испит.
Како и да се нарече, екстерно тестирање или државен испит, студентите и професорите јасно го кажаа својот став, НЕ ЗА ЕКСТЕРНО ТЕСТИРАЊЕ! Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ токму во нивните погрешни политики треба да го пронајдат одговорот зошто од Македонија направија земја на незадоволни и несреќни граѓани“, стои во писмената реакција на сајтот на опозицијата.