ВМРО ДПМНЕ: Кога СДСМ е на власт економијата тоне!
Кога се во опозиција само критикуваат и даваат популистички предлози, кога се на власт економијата тоне, а корупцијата владее. На Македонија добро и е познато економското владеење на СДСМ, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на потпретседателот на СДСМ Зоран Јовановски.
- Да беше СДСМ на власт во овој период на четири-и пол годишна светска и европска криза со неговиот познат метод на умртвување на економијата, штедење без инвестиции, немање на странски инвестиции (освен ако не се бројат оние како продажбата на монополите како ЕСМ), девалвации како во 1997 та година, троцифрени инфлации како во дведесеттите, зголемување на даноците и длабока државна корупција со шверц на нафта, цигари, продажба на парцели во четири очи без јавен тендер, бачила и слично, денес Македонија ќе беше во ситуација на банкрот и ќе имаше некаква тројка што ќе ја спасува. Пензиите, субвенциите, социјалната помош, и платите ќе се намалуваа наместо да растат, посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Во реакцијата се наведува дека буџетот за 2013 година предвидува рекордни 388 милиони евра за капитални инвестиции, средства кои се наменети за проекти кои ќе го подобрат квалитетот на живеење на граѓаните во Република Македонија, преку проекти во здравството, во образованието, во инфраструктурата, во енергетиката, во земјоделието, проекти кои ќе ја поттикнат економската активност.
- Овие проекти, посочуваат од партијата, пред две години ВМРО-ДПМНЕ им ги понуди на граѓаните и за нив ја доби довербата од народот. Овие проекти ги реализираме и ќе ги реализираме.
Во реакцијата е наведено дека во инфраструктурата, следната година примат има доградбата на автопатот на Коридорот 10, делницата Демир Капија-Смоквица, изградбата на пругата на Коридорот 8 Куманово-Белјаковце, реконструкцијата на пругата на Коридорот 10 и започнувањето на проектот гасификација на Република Македонија.
ВМРО ДПМНЕ потенцира дека за земјоделците и за поттикнување на руралниот развој Владата издвои рекордни 135 милиони евра, ги покачува пензиите и социјалната помош за 5 отсто следната година, а во здравството издвоени се пари за изградба и реконструкција на јавните здравствени установи, за изградба на амбуланти во руралните средини, средства за набавка на медицинска опрема и амбулантни возила. Во образованието се предвидени средства наменети за изградба на основни и средни училишта, детски градинки и училишни и спортски сали, реконструкција и изградба на студентски домови, опремување на универзитетите, набавка на современа лабораториска опрема и инвестиции во спортската инфраструктура.
- Работиме и ќе продолжиме да работиме на подобрување на квалитетот на живот во државава. Но реално, ако останало толку да се работи, значи претходната влада на СДСМ не дала воопшто придонес на тоа поле, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ и додаваат дека сепак добро е што СДСМ признава дека проекцијата на Владата за економски раст е реална. Како нареден чекор добро би било да признае и дека зголемувањето на пензиите и социјалната помош се добра одлука, исто како и субвенциите за земјоделците и капиталните инвестиции.
Од ВМРО-ДПМНЕ во реакцијата наведуваат дека наместо популистички и лажен трумфализам, СДСМ треба конечно да започне трезвено и конструктивно да дејствува.
Слично
