ВМРО-ДПМНЕ: Јанева му се додворува на Заев
Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ реагираше на одлуката на специјалното обвинителство кое побара првообвинетиот во случајот „Пуч”, Зоран Верушевски да биде ослободен од притвор со понудена гаранција.
Пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски обвини дека специјалната обвинителка Катица Јанева го извршила она што го нарачал опозицискиот лидер Зоран Заев.
"Срамна и жална е леснотијата и ароганцијата со која Јанева поданички и додворувачки побрза да му удоволи на Заев. Одлуката да не побара продолжување на притворот на Верушевски, првоосомничен во случајот „Пуч“, е скандалозна, неправична и многу опасна“изјави Милошоски.
Тој смета дека има сериозни основи на сомнение, со одлука на Јанева, Верушевски да може да изврши повторување на делото за кое се сомничи и може да изврши влијание врз сведоците.
Од ВМРО ДПМНЕ реагираат дека партијата повеќе не верува во независноста на Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и изразија сериозна резерва кон секој чекор кој таа ќе го преземе во иднина.
Инаку, специјалното обвинителство денеска побара поранешниот контраразузнавач Зоран Верушевски и Ѓорѓи Лазаревски- порaнешен вработен во тајната полиција да биде ослободени и да му се одредат мерки на претпазливост.
