ВМРО-ДПМНЕ ја обвинува опозицијата дека шири омраза
Откако активисти на опозициската СДСМ денеска поставија споменик пред Собранието на Република Македонија во чест на, како што рекоа, двегодишнината од „паднатата демократија“, од владеачката партија на ВМРО-ДПМНЕ излезе со реакција на лидерот на опозицијата Зоран Заев.
Имено, од владеачката партија велат дека раководството на СДСМ и луѓето во него живеат исклучиво со деструкција, манипулации, закани, гнев и омраза. „Тие се луѓе кои не кажале досега ниеден позитивен предлог за реформа или за мерка што би им помогнала на граѓаните, туку само плукаат“, стои во реакцијата.
„Тие се луѓе кои не поддржале ниту една инвестиција која отвора работни места, туку само негираат и шират омраза. Не поддржале изградба на ниту еден автопат. Не поддржале инвестиции во изградба и реконструкција на училишта и болници. Не поддржале субвенции за земјоделците, зголемени пензии. Се што прават е да шират омраза“, се вели во писмената реакција.
Според ВМРО-ДПМНЕ, опозицијата шири хаос само за да не добијат прашање што направиле и каква програма создале.
