ВМРО-ДПМНЕ испраќа пратеници низ селата, сознанијата ќе ги користат за пратенички прашања
Дваесет тима составени од пратеници на ВМРО-ДПМНЕ во следниот период ќе посетат 408 села, објави партијата. За време на псоетите, идејата е да остварат директен контакт со граѓаните и да се запознаат со нивните проблеми.
„Ние немаме намера својата работа да ја работиме далеку од очите на граѓаните. Пратениците на нашата пратеничка група, без да прават разлика дали се наоѓаме во предизборен период или не, ќе стојат на располагање на граѓаните за било какви предлози, сугестии, идеи, забелешки и критики“, соопштија од партијата.
Според планот, пратениците треба сите прашања со кои ќе се соочат на овие средби да ги искористат за поставување пратенички прашања или други иницијативи до Владата.
„За сите нив за кои ќе најдеме начин за решавање ќе бидат процесуирани во форма на пратенички прашања, автентични толкувања, амандмански интервенции во законите кои се во процедура или во предлози за измени и дополнувања на законите“, соопштува ВМРО-ДПМНЕ.
Средбите во населените места се без исклучок за сите граѓани без разлика на нивната партиска, етничка или религиска припадност.
Слично
