ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ си го чистат патот до предвремени избори?
Се чисти ли патот до се поизвесните предвремени парламентарни избори пролетва? Кои според неофицијалните најави би требало да се одржат заедно со вториот круг на претседателските – на 27 април годинава.
Серија потези што се направија во претходните неколку денови, упатуваат на сериозни претпоставки дека коалициските партнери во власта – ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ создаваат амбиент од кој би произлегла сериозна блиц-криг криза чие$ единствено решение да биде предлогот за распуштање на Парламентот и одење на гласање. Законодавниот дом пак, дотогаш ќе треба да си ги заврши обврските натрупани од извршната власт.
Јавноста вчера беше сведок на почеток на седница со рекорден број точки на дневен ред – 153 и, истовремено, огромно количество на закони што се носат по скратена постапка – 112. На што опозицијата реагираше бурно, инсистирајќи да добие одговор за тоа - што е толку итно во 112-те закони што Владата ги достави до Собранието, за еден ден по итна постапка се ставени на седница. Дали Македонија е во вонредна или во воена состојба?
Што и гори на власта на Груевски што вака набрзина носи толкава бројка законски предлози – праша генералниот секретар на СДСМ Оливер Спасовски. Откако добија само појаснување од првиот парламентарец Трајко Вељановски, дека станува збор само за техничко усогласување со законот за администрација – опозиционерите незадоволни ја напуштија седницата. Сомневајќи се дека Парламентот влегува во турбо-финиш од своето работење, пред евентуално да се распушти.
Политичка криенка
Паралелно, со ова – веќе неколку недели трае политичката криенка меѓу владејачките партнери по прашањето што го отвори ДУИ – за консензуален кандидат за претседател. По повеќедневниот молк, на повикот од нивниот партнер во ВМРО-ДПМНЕ одговорија со закажување на конвенцијата за избор на претседател на 1 март. Температурата се подигна со изјавата на лидерот на “интегративците“ Ахмети со која тој практично предупреди дека тие дополнително го зацврстуваат нивниот став – опишувајќи го фигуративно како “челик додаден во бетонот“. На што, наместо одговор, доби објавен оглас на сајтот на ВМРО-ДПМНЕ за пријавување на заинтересирани за кандидати за претседател. Истовремено, Груевски веќе трет ден е надвор од земјава, а престојот во странство, ако се исклучи средбата со шефот на грчката дипломатија Венизелос денеска, заради што на неколку часа ќе се врати во Македонија, според некои најави има намера да го продолжи до претседателската конвенција на ВМРО-ДПМНЕ, со серија средби, разговори и роуд-шоуа во Австрија, Германија и Велика Британија.
Сето ова, политички упатените го толкуваат и како еден вид иницијална каписла што би требало да ги влоши односите во Владата до таа мерка по што – предвремените избори би биле неминовност. И, тоа најдоцна до 7-8 март, кога според роковите е послениот тајминг за распуштање на Собранието и избори поклопени со претседателските.
Засилен распоред на Груевски, вовед во предвремени?
Зголемената законодавна активност но и најавениот засилен распоред на Груевски секако водат во правец на помислата дека предвремени парламентарни избори се се повеќе возможни. Стандардна стратегија на партиите е да ја зголемат динамиката со ударни активности во предизборието или во овој случај, потенцијалното предизборие, вели за Фактор политологот Ненад Марковиќ. Еден од поводите е секако и ќорсокакот во кој се доведени ВМРО и ДУИ со барањето на ДУИ за консензуален кандидат. Пред се, нејасно е кој би бил тој кандидат (ДУИ сеуште не дава имиња), а јасно е дека ВМРО-ДПМНЕ не би прифатиле таква понуда, со оглед дека имаат можност како партија, сами да го освојат претседателскиот мандат. –
-Мене ова повеќе ми личи на стратегија на ДУИ за пазарење на други полиња (извршна власт на пример) во замена за поддршка на претседателскот кандидат на ВМРО. што не би рекол дека е неочекувано или невидено и во други политички системи. Доказ за тоа е слабата (скоро непостоечка) аргументација која ДУИ ја даде при одбивањето да го прифати Иванов за потенцијален кандидат, но и фактот што понуда за консензуален кандидат не доставија и до некоја друга македонска партија, оценува Марковиќ.
Сепак, според него во ситуација каде веројатноста ВМРО и ДУИ повторно да победат во своите етнички кампуси (испитувањата сега за сега така индицираат) е прилично висока, се поставува прашањето што ќе се случи ако ДУИ преку неповикување на гласачкото тело или повикување на својот електорат да гласа за опозицискиот кандидат, се судри со својот коалиционен партнер. Ако ДУИ не даде поддршка на ВМРО за претседателките избори или даде поддршка во втор круг на друг кандидат (или преку пасивност се обиде да го намали цензусот), а следниот мандатар повторно биде од ВМРО (што е многу веројатно), дали тогаш се проблематизира формирањето на следната Влада и учеството на ДУИ во неа.“.
На одговор веројатно нема да се чека многу – почетокот на летото е крајниот рок за формирање нова влада доколку се оствари сценариото за двојни избори пролетва.
Ф.З.
Слично
