ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се договорија за влада, ама за министрите уште не
Новото парламентарно мнозинство ќе го формираат ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, како партии кои ја добија наголемата доверба кај граѓаните, објавија двете партии во заедничко соопштение, објавено непосредно пред почетокот на конститутивната седница на новиот парламентарен состав.
Во новата коалициска влада приоритет ќе биде економијата, но и евроинтеграциите. „Ќе се формира и заедничка мешовита работна група од двете партии, за помагање, поддршка и проценка на работата на владата и ресорните министерства вклучени во евроатлантскиот интегративен процес. Економските ресори во владата, советот и соодветните владини институции ке работат со засилена динамика на зацртаните економски цели“, се вели во соопштението.
Во периодот кој следи, особено до самитот на НАТО и Министерскиот совет на ЕУ, претставниците на оваа работна група ќе ги информираат редовно партиите за постигнатите резултати, и спроведените чекори, мерки и реформи и врз основа на тоа тие ќе одлучуваат за понатамошните чекори и постапки како дел од владата.
Распределбата на ресорите меѓу коалициските партнери сеуште не е договорена.„Преговарачките групи на двете партии продолжуваат да работат на усогласување на принципите врз основа на кои ќе функционираат партнерите во владата како и за поделба на ресорите. Партиите при договарањето на оваа коалиција пред се ги имаа интересот на граѓаните за овие прашања, како и контекстот на времето и моментот во кој се наоѓа Република Македонија, регионот но и пошироко“, се наведува во заедничкото соопштение на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.
Слично
