ВМРО ДПМНЕ и ДУИ прогласија големи победи, СДСМ најави можно повлекување од изборниот процес!
ВМРО ДПМНЕ објави победа на изборите, СДСМ се закани со бојкот на вториот круг.
ВМРО ДПМНЕ е во предност пред кандидатите на СДСМ во Охрид, Битола, Прилеп, Аеродром, Кисела Вода, Бутел, Штип, Крушево, Гевгелија, а предност има и во најголем број од помалите општини низ земјата. ВМРО ДПМНЕ јавува за изедначена битка во Струмица.
ВМРО ДПМНЕ објави дека ќе освои вкупно над 50 општини, а 25 се веќе минати во првиот круг, и ја оценија битката како голема победа на делата над празната реторика.
СДСМ пак велат дека имаат предност во Велес, Центар, Ѓорче Петров. Заев веќе ја објави победата во Струмица во првиот круг. Тесна е битката во Куманово, но со предност на СДСМ. Од партијата најавија дека ништо не е готово и дека се можни сите опции, па дури и бојкот на вториот круг, откако, како што рекоа на изборите се забележани низа неправилности и манипулации. Овие избори не беа ниту фер ниту демократски, велат од СДСМ, каде беше видливо разочарувањето од изборниот резултат.
Во Карпош убедлива е предноста на Стевче Јакимовски пред двајцата кандидати на ВМРО ДПМНЕ и СДСМ. И таму ќе има втор круг, но поради предноста на Јакимовски резултатот може да се насети.
ДУИ, пак води во Тетово, Кичево, Чаир, Гостивар, Дебар. И партијата на Ахмети прогласи победа. Во Струга во вториот изборен круг одат кандидатите на ДПА и на ВМРО ДПМНЕ, што ДПА го гледа како шанса за спас од тотално фијаско.
Слично
