Економија, финансии, бизнис

Контакт

ВМРО – ДПМНЕ го пребројува имотот на Шилегов, СДСМ – на Мијалков

ВМРО – ДПМНЕ го пребројува имотот на Шилегов, СДСМ – на Мијалков
Како портпаролот на опозицискиот СДСМ Петре Шилегов успеа да стекне лично богатство од околу 500.000 евра, прашува владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Според нивните податоци, тој поседува трикатна куќа со вкупна површина од 313 метри квадратни, два луксузни автомобила, Мерцедес и Ауди и плус стан во Скопје на негово име со површина од 88 метри квадратни. „Во јавноста излегоа податоци дека Шилегов и неговата сопруга во нивната фирма имаат минимални примања, односно тој во месец јануари оваа година е пријавен на 22 929 денари, а неговата сопруга за истиот месец добила 10 900 денари плата. Се прашуваме како возможно човек со толку мали примања да се стекне со богатство од над половина милион евра? На семејство со толкави примања му се потребни над 83 години за да стекне толкав имот, без притоа да купува храна, облека, лекови, да подмирува сметки или да има било какви трошоци какви што има секое друго семејство во Македонија“, вели Сашо Трпевски од ВМРО-ДПМНЕ. Шилегов, пак, денеска презентираше нови податоци од имотната состојба на првиот човек на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков. Според податоците што ги презентираше, фирмата „Ексико“ ДООЕЛ Скопје, која според СДСМ, има основачки капитал во даночниот рај во Швајцарија, Лугано, и е во партнерска врска со човекот од доверба на Мијалков, Горан Гацов, на 29 ноември 2011 година влегла во земјоделскиот комбинат „Пелагонија“ - Битола, а преку него влегла и во „Жито Лукс“, „Жито Вардар“ и во „Жито Полог“. Освен фирмата „Ексико“, во земјоделскиот комбинат како главен акционер, според СДСМ, е и фирмата „Орка Холдинг“. Според информациите на кои се повика Шилегов, милионски суми како субвенции се слевале во касата на земјоделскиот комбинат „Пелагонија“ откако „Ексико“ и „Орка Холдинг“ станале главни акционери. За две години во земјоделскиот комбинат „Пелагонија“ Битола од државната каса влегле над 2,5 милони евра субвенции, тврди портпаролот на СДСМ. Шилегов вели дека „Ексико“ ДООЕЛ и „Орка Холдинг“ влегле и во градежништвото, односно во „Бетон“ Штип, фирмата која го градеше „Скопје 2014“, за што за само една година добиле тендери во вкупна вредност од над 25 милиони евра. Мијалков повторно преку соопштение ги отфрли сите обвинувања и од опозицијата побара да не фабрикува случаи за да ги покрие сопствените афери.  
Слично

Поврзани вести