ВМРО ДПМНЕ го обвинува Манчевски за коруптивен скандал во кумановскиот паркинг, тој – негира
Белградска фирма добила тендер во Кумановo, а потоа го преотстапила на скопска чиј сопственик и основач е потпретседателот на СДСМ Дамјан Манчевски, тврди владејачката ВМРО-ДПМНЕ според која ова е крупен тендерски скандал.
На 28 јануари 2011 бил склучен договор за јавна набавка меѓу општинското јавно претпријатие Куманово-паркинг и фирма од Белград со име Метропаркинг ДОО. Оваа фирма била капитално поврзана со Метропаркинплус ДОО Скопје, во која еден од сопствениците е Манчевски, тврди директорот на Центарот за комуникации на ВМРО ДПМНЕ Илија Димовски.
„Пред неколку месеци Дамјан Манчевски е избришан како сопственик на Метропаркингплус ДОО Скопје и тоа во период кога ја добива функцијата потпретседател на СДСМ. Но, тој и понатаму, до ден денес останува лице за контакт на скопската Метропаркингплус ДОО. Неговата лична е-маил адреса до ден денес е заведена како контакт адреса на скопската фирма. Она што ние го знаеме е дека реален извршител на тендерот, фирма која ги има превземено сите права и обврски според договорот и комуникацијата со општинското јавно претпријатие Куманово – паркинг не е српската Метропаркинг ДОО Белград, туку нејзината ќерка фирма Метропаркингплус ДОО Скопје чиј еден од сопствениците е токму потпретседателот на СДСМ Дамјан Манчевски“, рече Димовски.
Потпретседателот на СДСМ Манчевски денешните тврдења на ВМРО-ДПМНЕ за негова инволвираност во тендерско-корупциски скандал ги оцени како обид за дискредитација.
„Ако има што било незаконски, нека профункционираат институциите на системот и нека го процесираат случајот“, изјави Манчевски.
Според него, одлуката за избор на најповолен понудувач на тендерот била обжалена кај Државната комисија за жалби по јавни набавки при Владата, која го потврдила изборот за најповолен понудувач. Манчевски наведе дека во моментот кога бил избран за потпретседател на СДСМ, самоиницијативно целосно се повлекол од фирмата за која го прозиваат.
„Во времето кога е потпишан договорот воопшто не бев политички јавно експонирана личност. И тогаш, а и денес не живеам од политиката, туку сум вработен во приватна фирма“, изјави Манчевски.
Слично
