ВМРО ДПМНЕ го обвини дека не реализирал проекти, Заев возврати, посакувам противници како Вас!
Изборната кампањи продолжува со полна пареа во Струмица. Од едната страна Зоран Заев, актуелниот градоначалник на Струмица кој се бори за трет градоначалнички мандат, од другата како негов најсилен против кандидат Васил Пишев, од владејачката ВМРО ДПМНЕ.
Заев: ВМРО ДПМНЕ ми направи голема услуга со изборниот слоган, кандидатот и советничката листа
Актуелниот градоначалник кој побара нов мандат прв човек во Струмица, Зоран Заев јавно му се заблагодари на ВМРО ДПМНЕ за големата услуга што му ја направија во оваа кампања.
За време на промоцијата на својата изборна програма, тој посочи дека слоганот „Избери дела“, советничката листа и кандидатот за градоначалник Васил Пишев, се трите работи на кои е посебно благодарен.
„Првата работа е изборниот слоган „избери дела“, каде има повеќе дела од Струмица? На секој чекор, каде и да се завртиш, прозорец да отворите ќе видите ново дело реализирано од вашата општина, што само за вас имав чест да ја водам“, истакна Заев.
Во делот на советничката листа тој им се забладодари на ВМРО ДПМНЕ бидејќи како што вели, 8 години го критикувале дека дели тендери на луѓе блиски до СДСМ, а сега тие високо на листата го ставаат Никола Пандев од „Жикол“, кој беше главен изведувач на многу проекти во Струмица.
Сам да го бирав, подобар немаше да изберам, рече Заев за својот противник Васил Пишев од ВМРО ДПМНЕ.
„Можеме ли да споредиме 2.360 проекти наспроти 5 и дали толку ги има. Може ли да се спореди моето образование со неговото, Славица на 19 место ни е магистер по правни науки. Го гледам човекот се уште на веб страната стои средно образование. Пред некој ден, пред Фон дава изјава, знаењето е сила, знаењето е моќ. Господ да чува и да брани. Дали може да се споредуваат 150 државни меѓународни и домашни награди и признанија, наспроти една единствена која јас му ја дадов на Васил Пишев за десетгодишниот јубилеј на Алмакс“, рече Заев и додаде „да гласаш за Васил Пишев е како да не ја сакаш својата Струмица, да гласаш за ВМРО ДПМНЕ е да не ја сакаш својата Македонија“.
ВМРО-ДПМНЕ: Заев се фали со нереализирани проекти
ВМРО-ДПМНЕ порача дека е многу дрско и ниско Зоран Заев да се фали и да се повикува на слоганот на ВМРО-ДПМНЕ „Избери дела”, а го обвини и дека во својата програма за локалните избори 2013 година само ги препишал проектите од претходниот мандат, кои не успеал да ги реализира.
„Наместо да се занимавате со биографијата на Васил Пишев, подобро е да им објасните на струмичани зошто овие проекти до ден денес не се реализирани, иако им беа ветени на струмичани на претходните локални избори. Како може да се повикувате на граѓаните на Општина Струмица, кога за Вас најважни беа само наредбите и послушноста кон Бранко Црвенковски“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Тие запрашаа и со кое лице Заев зборува за Македонија, кога како дел од СДСМ, посочил дека Македонија треба да отстапи околу прашањето за името.
Слично
