ВМРО-ДПМНЕ го нападна Селмани за интервјуто во Фактор, тој возврати
На првиот човек на ЗНМ Насер Селмани очигледно му недостига внимание и публицитет, а една од неговите најголеми жели е да биде уапсен - вака ВМРО-ДПМНЕ реагира на интервјуто на Селмани за Фактор, објавено денеска, во кое тој изјави дека не би бил изненаден да има апсење на некој новинар.
„Му треба публицитет. Како новинар и како Претседател на ЗНМ ретко е актуелен, па кога ќе почуствува дека е тотално инфериорен и дека некој може да му забележи, седнува и пишува текст или дава изјава во која тој и новинарите блики до него и до соросовите институции ги прогласува за невидени жртви, угнетувани, притиснати, под закана, уцена, дека ќе бидат апсени и слично. Најчесто човекот тропа од ракав. Доволно е само да чуе нешто и веднаш реди небулози. Ниту има докази ниту се обидува да најде докази. Важно е да се плука по власта, а особено по ВМРО-ДПМНЕ. Важно е да се одработи тоа што се мора, тоа што некој го очекува, само да се оправдаат трошоците. Една од неговите најголеми желби е да биде уапсен. Живее за тој ден и многу би дал за да се случи тоа. Каква ли жртва би бил тогаш?!“, пишува во соопштението од владејачката партија.
„Додуша во таквата желба има огромна конкуренција во тоа соросоидно и милчиново друштво. Повремено и други негови колеги знаат да напишат нешто од типот: „што не ме уапсите“, „ќе ме уапсите ли?“ и слични реакции кои произлегуваат од нивната нескротлива желба да се создаде прецепција за нив како за жртви од некаков режим како што тие тоа го нарекуваат. Инаку истите тие се лузери од ред до ред. Само да се прочитаат наназад текстовите и нивните анализи, сите утка до утка, и се ќе стане јасно“, се додава во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
На ваквите обвинувања Селмани попладнево одговори на својот Фејсбук профил. Притоа тој забележува дека ВМРО-ДПМНЕ по трет пат реагира преку партиско соопштение на негова изјава дадена за медиуми.
„Кога го прочитав соопштението помислив дека некој си поигрува со меморандумот на партијата. Се гледа дека во Центарот за комуникации фали Илија (Димовски н.з.). Но, шегата настрана, ситуацијата е сериозна. Во последното интервју за Фактор не кажав ништо ново од тоа што постојано го зборуваам во последните три години. Моите тези се повторуваат и во извештаите на Европската комисија, американскиот Стејт департмент и на специјалниот известувач на ООН, Франк Ла Ру. Чудно е зошто сега ваква нервозна реакција од ВМРО-ДПМНЕ“, нагласува Селмани.
Фактор истовремено објави интервју за сосотојбата во медиумите и со претседателката на МАН Слаѓана Димишкова. Целото интервју со претседателот на ЗНМ, кое испровоцира реакција од владејачката партија, можете да го прочитате на следниот линк:
ИНТЕРВЈУ Насер Селмани, ЗНМ: Како тргнало нема да бидам зачуден ако уапсат некој новинар!
Слично
