ВМРО-ДПМНЕ: Дивите орди инструирани од СДСМ кои вечерва палеа во Скопје ќе одговараат!
„Зоран Заев и СДСМ ќе одговараат за анархијата во која што се обидоа да ја втурнат Македонија“, реагираат од владеачката партија вечерва по судирите во главниот град.
Во целост ви го пренесуваме соопштението на ВМРО-ДПМНЕ:
„Без грам совест и грижа за иднината на земјата, злосторникот Зоран Заев јасно кажа дека во Македонија се поставени сериозни темели за украинско сценарио. Истото сценарио кое во меѓусебната комуникација го најавуваа Верушевски и другите креатори.
Исход на сценариото во Украина, досега се десетици илјади мртви и поделена држава. Поделба на Македонија, која што вчера ја побараа партнерите на Зоран Заев од Беса.
Дивите орди инструирани од Заев и Сорос вечерва палеа и кршеа низ Скопје. Хулиганите предводени и поттикнати од СДСМ ја напаѓаа полицијата и каменуваа се што им се најде на патот. Идеите на налудничавиот Зоран Заев резултираа со повредени новинари и десетици искршени прозорци.
Зоран Заев и СДСМ ќе одговараат за анархијата во која што се обидоа да ја втурнат Македонија.
Кога ноторен криминалец говори за правда и борба против криминал, не е ништо друго освен поигрување со разумот на народот.
Кога крадец кој ја претвори Струмица во град каде што работат само неговите семејни фирми зборува за чест, не е ништо друго освен поигрување со разумот на народот.
Кога неурамнотежен лик како Заев се заканува „живи луѓе ќе јадеме“ и негови орди напаѓаат и демолираат по улици, а тој бара демократија, не е ништо друго освен потценување на народот.
Македонскиот народ никогаш нема да наседне и нема да застане на страна на ваквите криминалци.“
