ВМРО-ДПМНЕ: Денес видовме реприза на фијаското на СДСМ од Универзална сала
Од владеачката партија на ВМРО-ДПМНЕ после денешните објавени аудио разговори од страна на опозицијата и Андреј Жерновски, градоначалникот на општина Центар се јавија со реакција.
Имено, тие во реакцијата велат дека најголема желба на Андреј Жерновски е да биде Зоран Заев. Со емитување на истите креирани, монтирани, лепени и прелепувани разговори Андреј Жерновски се кандидрал за наградата Златна копија на годината во филмот режиран од странски центри, а продуциран од Зоран Заев, Зоран Верушевски и врхушката на СДСМ.
„Денес видовме реприза на фијаското на СДСМ од Универзална сала пред неколку дена.
Овие луѓе очигледно не разбираат дека во желбата да ја однесат Македонија во хаос, дестабилизација и проблеми, единствено што ќе успеат е да ја дооднесат СДСМ во целосна безидејност и внатрешно распаѓање.
И Заев и луѓето околу него се прочитани од граѓаните. Веќе и на најсилните поддржувачи на СДСМ им е совршено јасно дека ова сценарио за дестабилизација ќе заврши како лош спомен за штетно и срамно однесување против интересите на својата држава и своите граѓани на неколку луѓе во врвот на опозицијата“, велат во нивната реакција.
Од партијата на власт велат : „Наместо СДСМ да се посвети на своја програма, предлози, проекти и идеи за подобар живот на граѓаните, да понуди алтернатива и здрава критика кон реалните политики, тие се одлучија да креираат сценарија за дестабилизација на државата, за нарушување на меѓународниот углед и за превземање на власта по секоја цена“.
Тие апелираат до до СДСМ да продолжат вака за граѓаните до крај да им го видат вистинското лице.
Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека нема да дозволат Зоран Заев да си поигрува со реалниот живот на граѓаните, а тие ќе продолжеле да работат на создавање услови за отворање на нови фабрики, за отворање на нови работни места, ќе продолжиме да ја градиме инфраструктурата низ Македонија, нови автопати, магистрални патишта, ќе продолжиме да инвестираме во нови училишта, градинки, болници, ќе продолжиме да работиме за повисоки пензии, за повисоки плати на вработените, за поддршка на земјоделците. ВМРО-ДПМНЕ ќе прододлжи да работи на подобрување на реалните прашања и потреби на граѓаните.
