ВМРО-ДПМНЕ: ДДВ-то за малите фирми го најавивме во предизборната кампања
Намалувањето на прагот за фирмите ДДВ-обврзници не е грабеж на малиот бизнис, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на денешната пресконференција на СДСМ. Според владејачката партија, станува збор за мерка која се применува во повеќе држави во Европа.
„Овие измени не се нешто што сакаме да се сокрие или нешто што ќе биде штетно онака како што сакаат да се престави во дел од јавноста. Се работи за проект кој е дел од нашата програма запишан на страна 20 од програмата за последните парламентарни избори. Целосна инсинуација е дека со оваа измена се посега во касата на малиот бизнис и тоа воопшто не држи. Оваа мерка нема да падне на товар на малите бизниси, бидејќи освен обврски за пресметување, тие ќе имаат право на одбивка на ДДВ за влезните фактури. На овој начин се сузбива и сивата економија“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
Партијата појаснува дека целта на овој проект е да се зголеми бројот на даночните обврзници кои ќе имаат законска обврска за регистрирање за цели на данокот на додадена вредност, а тоа ќе придонесе за намалување на бројот на правни лица кои не пресметуваат ДДВ. Ист праг на регистрација на ДДВ со Македонија со измените на законот ќе имаат Германија, Белгија, Кипар, Естонија и други.
„Во други земји пак, како Шпанија и Шведска нема праг и сите се обврзани за регистрација, независно од прометот кој го остваруваат. Некои земји пак, како Португалија, Данска Финска и други имаат понизок праг на регистрација од оној што е предложен кај нас“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Слично
