ВМРО-ДПМНЕ: Барањето на СДСМ за бесплатен превоз за студентите е лицемерие
Дрско и лицемерно - вака ВМРО-ДПМНЕ го оценува барањето на СДСМ за воведување бесплатен превоз за студенти секојдневно со автобусите на ЈСП Скопје.
„Во време на СДСМ партиципациите на факултетите беа двојно, тројно и повеќе пати поголеми од оние денес, не се отвори ниту еден факултет ниту дисперзирани студии заради доближување на високото образнование во различни градови. Можност да студираат имаа само одредена тесна група на граѓани, се учеше од скрипти и книги на странски јазици, а стипендирањето беше сведено на минимум. ВМРО-ДПМНЕ ги има констатирано административните проблеми при спроведување на проектот бесплатен превоз од ЈСП и тие континуирано се разгледуваат и ќе се решаваат и надминуваат“, стои во соопштението од владејачката партија.
Според партијата, за разлика од времето на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ спроведува голем број проекти и реформи во образованието со кои се подобрува студирањето и животот на студентите.
„Се намали партиципацијата на факултетите, се отворија нови универзитети,факултети и дисперзирани студии во многу градови, започнаа да се реновираат студентските домови, за прв пат студентите добија бесплатен превоз со воз, бесплатен авобуски превоз,бесплатен влез во театрите и кината низ цела Македонија, се преведуваат огормен број книги од кои се учи на најпрестижните универзитети во светот, се зголеми бројот и висината на стипендиите и студентите од Македонија добија можност преку Министерството за образование годишно да аплицираат и добијат повеќе од 7.000 стипендии по различни програми. ВМРО –ДПМНЕ со внимание, многу работа и труд се обидува континуирано да ги подобрува условите за студирање во Македонија“, се додава во соопштението.
Слично
