ВМРО-ДПМНЕ бара оставки за случајот со кумановските паркинзи
Или раскинете го договорот или поднесете си оставка - бара ВМРО-ДПМНЕ од потпретседателот на СДСМ Дамјан Манчевски и кумановскиот градоначалник Зоран Дамјановски, како разрешница на случајот со тендерот за паркинзите во Куманово.
“Првиот предлог е да го раскинат договорот, и тоа да го раскинат од етички причини. Доколку не го направат тоа, вториот предлог е да ја понесат политичката и морална одговорност и да си поднесат оставки од нивните функции. Манчевски од Потпретседател на СДСМ, а Дамјановски од Градоначалник на Куманово“, вели Илија Димовски, директор на Центарот за комуникации на владејачката партија.ВМРО-ДПМНЕ една недела презентира документи според кои тендерот за кумановските паркинзи го добила фирмата „Метропаркингплус“, сопственички поврзана со Манчевски. За владејачката партија, ова е главната причина заради која градоначалникот Дамјановски, сопартиец на Манчевски, се одлучил да ја избере токму таа фирма. Манчевски во своја одбрана ја презентираше одлуката на Второстепената комисија за жалби по јавни набавки во Владата, која утврдила дека тендерот е спроведен законски. Од опозициската партија преку соопштение реагираа на пресконференцијата на Илија Димовски и го повикаа да ја прифати поканата за ТВ дуел што му ја испрати Манчевски.
„Зошто не го објавува договорот помеѓу Клинички центар и ОКТА за набавка на мазут за 2014 година? Колку вработени има во државната администрација? Зошто не покаже барем еден налог за исплата на пари од ВМРО - ДПМНЕ кон кој било кој медиум за црната кампања што ја водат против опозицијата“, прашуваат од СДСМ.
Слично
