Влатко Сулев: Важноста на саемите за туризам! Што се случува таму и како се креира доверба и автентична перцепција за Македонија!
Учеството на интернационалните саеми за туризам како ITB Berlin, WTM London, Fitur Madrid, Top Resa Paris и други не е залудно потрошено време. Не е само неколку часа стоење на штанд, неколку насмевки, разменети визит-карти и по некоја формална средба. Иако однадвор, можеби така изгледа, Но реално, од перспектива на човек што живее со туризмот, саемот е цел еден свет собран во 24 часа. Тоа не е обичен работен ден, туку еднодневен маратон!
Саемот за туризам не почнува кога се отвораат вратите на халите, туку многу денови порано. Почнува со првите контакти, со потврдените состаноци, со промените во распоредот, со новите можности што се отвораат уште пред првото кафе. Уште на самиот почеток, темпото на денот е веќе зададено, и мора да се биде подготвен.
Саемските денови се посебни, во нив, неколку минути се како цела вечност. Во тие минути треба да раскажеш нешто автентично, интересно, да го задржиш вниманието на посетителот (тур оператор, новинар или инфлуенсер), за да се наметмеш пред сите други, а на саемите учествуваат буквално сите земји од светот. Во тие први минути комуницираме дека Македонија и Балканот се неоткриен туристички бисер, место за доживување автентични искуства, каде луѓето се топли, искрени и природни, нешто што е реткост денес во Европа.
Саемот продолжува, и во тие неколку часа, треба да ги видиш луѓето со кои градиш соработка со години, да запознаеш нови партнери, да отвориш нови интересни теми, да затвориш стари дилеми, да потврдиш туристички договори, да корегираш детали и да го почувствуваш пулсот на туристичкиот пазар. Секој разговор е важен. Секој термин носи потенцијал. Секоја минута има своја тежина.
Но, во целиот тој ритам, постои една вистина што никогаш не смее да се заборави: во бизнисот, луѓето најчесто работат со луѓе што ги познаваат, што им се допаѓаат и на кои им веруваат. Во туризмот, а и во бизнисот воопшто, производот е важен, цената е важна, понудата е важна — но на крајот, човекот е тој што ја прави разликата. Луѓето не купуваат само услуга. Тие купуваат сигурност, купуваат приказна. Тур операторите сакаат да бидат уврени дека можат да се потпрат на тебе во различни ситуации.
На саем не се оди само за да се биде присутен, туку пред се за да се остави впечаток. А сите што сме доволно долго во оваа работа, добро знаеме уште една важна лекција: понекогаш првиот впечаток е и последен. Во неколку минути, некој одлучува дали си сериозен, дали си професионален, дали си човек од збор, дали вреди повторно да седне со тебе. Во тие први мигови, не зборуваат само зборовите,зборува енергијата, подготвеноста, начинот на кој слушаш, начинот на кој реагираш, начинот на кој се однесуваш кон времето на другиот. Токму затоа на саемите за туризам, треба да не претставуваат најдобрите.
Саемите се навистина интензивни. И речиси никогаш не се одвиваат работите според планот.
Трчаш од хала во хала. На едната страна те чека партнер со кого разговараш за следната сезона. На другата страна те чека нов контакт што може да отвори целосно нов пазар. За да се издржи тој ритам, треба да се биде фокусиран од првата до последната средба, напорно да се работи и да се биде дисиплиниран.
Успехот на саем не се случува случајно. Тој е резултат на претходно вложен труд. На часови подготовки, на анализи, на договорени средби, на истражување со кого седнуваш, што му е потребно, што можеш да понудиш и како да создадеш вистинска вредност. И потоа, кога ќе заврши официјалниот дел, работата не запира.
Кога некој од страна ќе помисли дека по саемот конечно доаѓа време за одмор, тогаш многу често почнува вториот дел од денот. Средба со еден партнер со кого цел ден не сте успеале да седнете како што треба. Вечера со друг партнер, каде разговорот од формален станува искрен и подлабок. И многу често, токму тогаш, надвор од штандот и надвор од официјалната атмосфера, се градат најцврстите врски. Токму таму луѓето те запознаваат подобро. Не само како компанија, туку и како човек.
А бизнисот, колку и да станува дигитален, колку и да влегуваат нови алатки, нови платформи и автоматизации, и понатаму во својата суштина останува човечки. Луѓето сакаат да знаат со кого работат. Сакаат да почувствуваат карактер. Сакаат да препознаат искреност. Довербата не се печати на флаер. Таа се гради во разговор, во доследност, во присуство, во однесување, во оние мали детали што прават голема разлика.
И кога конечно ќе се вратиш во хотел, телото бара пауза, но умот сè уште работи. Ги прегледуваш белешките. Испраќаш уште неколку пораки. Потврдуваш состаноци за утре. Размислуваш кој разговор има потенцијал, кој партнер бара побрз одговор, каде е потребен уште еден чекор. Поминале 24 часа, а ти речиси и да не си застанал.
И сепак, токму во тоа има нешто силно и убаво.
Затоа што кога го работиш ова со љубов и со интегритет, заморот не е товар. Тој е доказ дека денот имал смисла. Да оставиш впечаток што ќе се памети. И да покажеш дека зад насмевката, зад ракувањето и зад добриот разговор, стои она најважното — работа, работа и повторно работа.
Затоа, следниот пат кога некој ќе каже дека саемот е само неколку дена гужва, јас само ќе се насмевнам. Затоа што знам дека за оние што навистина работат, саемот не трае само неколку часа.
