Власта ветува, младите бегаат!
Денеска е светски ден на студентите
Македонското високо образование е во криза, но оваа криза не е новост за македонскиот студент. Недостатокот на квалитетни реформи во образованието е само една од причините за оваа безнадежна состојба во која плута македонскиот студент кој веќе не знае и не се сеќава на подобро - порачуваат студентите на одбележување на Интернационалниот ден на студентот.
Компаративно велат дека додека нивните колеги во Европа и пошироко се соочуваат со можности за студирање кои наликуваат на хотелски комплекси,се борат за своите права и секогаш бараат подобро и повеќе, кај нас сеуште проблем се сместувачките капацитети, стандардот, условите за студирање на факултетите, наставните програми како и хиперпродукцијата на високообразовни кадри.
Владата ветува нови студентски домови и реконструираше дел од домот “Гоце Делчев”, но ова според студентите не е доволно, бидејќи како што велат ако само за еден блок беа потребни девет години, колку време прашуваат ќе биде потребно за целосно реализирање на ветеното ?!
“Доколку добивавме по едно легло за секое ветување што сме го добиле за санација, па и за изградба на студентските домови, до сега ќе можеа да се сместат скоро сите македонски студенти во студентски домови. Пројде времето за ветувања. Реконструкција на еден блок од само еден студентски дом не е причина за радост, напротив, тоа е потсетник дека во 2015 година само 300 легла од околу 6000 наменети за студентите се во задоволителна состојба за живеачка”-вели студентката Ана Топузова од Студенсткиот пленум.
Вработување?!
Дополнителен проблем додава студентката од Филолошкиот факултет е вработувањето кое го нема. Трката по факултетски дипломи вели се сведува на парче хартија, вредноста на образованието е обезвреднета, а стандардите девалвирани.
“За жал, наоѓањето работа по завршувањето на студиите е голем проблем, а наоѓањето работа по струка е речиси невозможно. Дипломата е сведена на парче хартија, а најголемиот виновник за ова се преголемите квоти на факултетите со коишто само се натрупува млад едвај способен кадар кој не може понатаму да најде работа. Зголемените квоти настануваат обратнопропорционално со финансирањето на државните факултети. Доколку се одвои поголем дел од буџетот за високото образование, факултетите ќе можат да се одржуваат, нема да се приморани да запишуваат толку голем број на студенти, ќе се намали бројот на дипломци и полесно ќе се наоѓа работа во Македонија. Воедно и кадарот ќе биде поспособен бидејќи образованието ќе биде поквалитетно. Нормално, секогаш ќе има млади кои ќе сакаат да го искусат студентскиот живот надвор од дома, но тоа ќе го прават бидејќи сакаат, а не бидејќи мораат”-нагласува студентката Топузова.
Како показател за условите за студирање кај нас, според неа може да се земе бројот на странски студенти кои дошле на размена во Македонија и кој вели е скоро незначителен. Единствената работа што ги привлекува странците на македонските државни универзитети е поефтината школарина, за странски услови.
“Кога ќе дојдат кај нас на факултет затекнуваат книги на српскохрватски јазик од минатиот век, скрипти – бидејќи учебниците или не постојат или веќе не се во склоп со модерните текови, училници и амфитеатри кои прокиснуваат, без соодветна опрема и материјали и секако, еден куп хартија и уплатници кои мораат да ги пополнат за да се запишат на факултет во ерата на електрониката. Од друга страна пак, ги имате преведените книги од Владата, кои се полни со грешки, многу лошо преведени и најчесто не соодветствуваат со тоа што ни е во курикулумот”-додава Топузова.
Студентски пленум-борбата продолжува!
Студентски пленум според неа има за цел да го врати гласот на секој студент, да ја разбранува мислата на студентското тело, да го оттргне од оваа состојба на летаргичност. Пред една година ова раздвижување започна бидејќи како што вели се достигна нивниот лимит со Законот за високо образование, меѓутоа студентот не е роден за да остане имун на сите студентски проблеми кои го опкружуваат, без разлика дали станува збор за финансирање на Студентските парламенти кои се единствен легитимен претставник на студентите кои не се трудат да ги претставуваат, туку постојат проформа, или пак немањето сапун и хартија во тоалетите на факултетот. Секој проблем порачува, мора да биде чуен и секој проблем мора да биде разрешен ако воопшто сакаме да се споредуваме со странските универзитети во 21 век.
“Токму тоа и е најголемиот студентски проблем. Постојано се чека ѕвездите да се наредат во совршена линија за било која Влада да им обрне внимание на студентите. Да се зборува за студентски стандард во Македонија е трагикомично бидејќи истиот речиси и да го нема. 3000 денари за стипендии кои се ограничени , се едвај доволни за прехрана, ако се излажеме и веруваме дека 100 денари се доволни за три оброка дневно. Единствена надеж за студентите се нивните родители кои го жртвуваат последниот денар од својата плата за нивното дете да се образува. Зборуваме за полнолетни луѓе кои најчесто се надвор од дома, кои сакаат да се социјализираат, да стекнат работно искуство, да уживаат во младоста, но, за жал, учат само како да преживеат и полека губат надеж”- нагласува студентката Ана Топузова.
Македонските студенти вели знаат што сакаат, имаат и свој глас, но постојано очекуваат некој од страна да дојде и да им ги реши проблемите. Во духот на Интернационалниот ден на студентите Топузова порачува тие да викнат гласно за своите проблеми, да го добијат подоброто високо образование коешто го посакуваат и да имаат повеќе надеж во себе, а досегашната хибернација да ја остават во минатото.
“Само доколку сме заедно и обединети, можеме да постигнеме позитивна промена во образованието, а со тоа и во општеството”-завршува студентката од Пленумот.
С.Б.
Слично
