Економија, финансии, бизнис

Контакт

Власта поднесе законски измени со кои нема да се зголемат платите на функционерите

Власта поднесе законски измени со кои нема да се зголемат платите на функционерите

Пратеници од владејачкото мнозинство поднесоа предлог-измени на шест закони со кои ќе се намалат коефициентите и со тоа нема по автоматизам да се зголемат платите на функционерите.

Платите на функционерите требаше да им се зголемат во март кога коефициентите требаше да се помножат со новата просечна месечна плата на годишно ниво за 2025. Со овие измени платите ќе се нивелираат, што практично значи дека нема да се зголемат во предвидениот износ од 10.000 до 13.000 денари.

 Бојан Стојановски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, очекува овие предлог-закони, поднесени по скратена постапка, да бидат усвоени во најбрз можен рок.

– Основната цел на овие измени е воспоставување поправична распределба на буџетските средства, при што платите на функционерите се усогласуваат со реалните економски услови во државата. Со предложените решенија се врши интервенција во висината на коефициентите со што се обезбедува рационално користење на средствата од Буџетот на Република Македонија – рече Стојановски.

Со предложеното намалување на коефициентите, ќе се опфатат платите на јавните функционери – вклучително пратеници, министри, судии, јавни обвинители и членови на судскиот и јавно-обвинителскиот совет. 

– За пратениците и функционерите во извршната власт, ги намалуваме коефициентите со што директно го кратиме буџетскиот товар. За судиите и за јавните обвинители, предвидуваме усогласување на коефициентите со цел нивните плати да соодветствуваат со реалните економски можности на државата. За градоначалниците предлагаме нова скала на коефициенти зависно од бројот на жители во општините – објасни Стојановски.

Пакетот закони ги опфаќа Законот за пратениците, Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија, Законот за платите на јавните обвинители, Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители на Република Македонија, Законот за платите на судиите, Законот за платите на членовите на Судскиот совет на Република Македонија.


Слично

Поврзани вести