Власта од Прилеп, СДСМ од Штип: До кога вината ќе ја фрлаат едни на други?
По слично сценарио како и претходните недели поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ дојдоа од разни краеви на земјата да го поддржат премиерот Никола Груевски во Прилеп.
Планот беше да се покажат успесите на македонската влада , пред се во економијата, но и сепак поголем дел од народниот собир кој владеачката гарнитура го имаше денес беше посветен опозицијата.
Со тоа Груевски не ја гледа целта на досега објавените аудио снимки кои според тврдењата на опозицијата докажуваат криминал и корупција на највисоко ниво. Премиерот тоа го нарекува „пуч“.
А клиенти според неговите зборови се странски разузнавачки служби кои никогаш не ги откри. Но смета дека и во странство сакаат политичката криза во Македонија да се заврши.
Меѓународната заедница поддржува ова да заврши што е можно побрзо, затоа што и сакаат добро на државава и се свесни, говорам за оние кои ни се заинтересирани пријатели, дека штетата која овој човек со ова однесување и ја прави на државата е огромна и може да ги загрози нејзините перспективи. Странците сакаат сериозно и одговорно пристапување кон процесот „Пуч“ и кон наводите произлезени од нападите на опозицијата. Странците, потсетувам тука, говорам за добронамерните пријатели на нашата земја, сакаат стабилна Македонија која ќе продолжи по реформскиот курс и ќе создава подобри услови и можности за граѓаните низ демократски процеси. Сето тоа е во ред и треба да се земе сериозно и одговорно и ние тоа го правиме, во контекст на аспирациите и стратешките определби на Македонија за влез во ЕУ и НАТО, рече Груевски.
И додека премиерот ги редеше успесите на Владата од Западот , пред прилепчани, Опозициската СДСМ премина на истокот во Штип.
Од градот под Исарот претставија нови снимки кои наводно како и дваесет пати досега покажуваат дека во криминални работи е вмешан врвот на власта и луѓето блиски до премиерот Груевски.
Претседателoт на ОО СДСМ Штип Владимир Милошев објави нови докази со кои тврди упад во автономијата на Универзитетот Гоце Делчев и негова злоупотреба за партиските и личните интереси на поединци во ВМРО-ДПМНЕ, за фирмите и бизнисмените кои не сакаат да одработуваат за власта се уценувани и ставени под силен притисок, објави снимки со кои тврди дека се покажува какво е мислењето за градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ во Штип и какви се всушност дносите помеѓу функционерите на ВМРО-ДПМНЕ.
Поради речиси непостоечките односи помеѓу власта и опозицијата , но и поради објавувањето на снимките неодамна почнаа преговори двете страни под посредство на Европарламентарците во Брисел.
Конкретен напредок нема бидејќи опозицијата бара преодна влада за следните избори, а тоа премиерот Груевски не го прифаќа.
И додека двете најголеми политички партии си играат „ритни шапка“ и ја фрлаат топката на вината од една страна на друга, народот тоне се подлабоко во сиромаштија и се мачи да преживее од ден за ден.
Но, народот и граѓаните се тие кои ја избираат власта, тие треба да се изборат и за подобра иднина на нивните деца и внуци, кој друг ако не самиот народ ќе побара промени од власта?
А кога во државата ти се потребни врски за се и сешто на која и страна и да се свртиш, бадијала се сите мерки за вработување, покачувања на пензии и плати на администрација, кога младите се почето се одлучуваат среќата да ја бараат во друга земја, далеку од татковината, од најблиските.
Запрашајте се дали и власта и опозицијата заслужуваат да бидат на ова место на кое се денеска? Заслужиле ли реално да го дадете гласот на следните избори за нив, без разлика дали е власта или опозицијата?
Запрашајте се како живеат и опстојуваат оние семејства со минимални или никакви примања? Зошто да не живее македонскиот народ во мир и спокој? Зошто да не живееме сите здружени и да напредуваме во секое поле? Зарем граѓаните на оваа мала земја не го заслужуваат ова? Зарем не заслужуваат тронка мирен , убав и спокоен живот? А не политика на секој чекор!!!
