Власта ќе оди на уставни измени и без опозицијата
Владејачкото мнозинство има доволно гласови за да ги усвои предложените измени на Уставот и без опозицијата, која ја бојкотира работата на законодавниот дом. Вака министерот за правда Аднан Јашари одговара на забелешката од Венецијанската комисија, која сугерира дека моментот во кој опозицијата е надвор од Собранието не е погоден за менување на највисокиот правен акт во државата.
„Не би сакал да се пуштам во политички анализи, политички ставови во Собранието, меѓутоа оваа власт има доволен број на гласови за да се усвојат овие уставни амандмани“, вели Јашари.
Власта одлучила да ја прифати забелешката на Венецијанската комисија во однос на регулирањето на вонбрачната заедница. Бракот ќе биде дефиниран како заедница исклучиво меѓу еден маж и само една жена, но овие одредби нема да се однесуваат на вонбрачната заедница и животното партнерство.
„Свесни за сензитивноста на оваа материја, нашите решенија содржани во предлог амандманите, ќе се движат во насока самите односи во бракот, семејството и во брачната заедница да се уредат со закон што се донесува со дво-третинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници“, објаснува Јашари.
Измени ќе има и во уставниот амандман со кој се предвидува воведување на меѓународни финансиски зони, за кој Венецијанската комисија оцени дека создава паралелен финансиски систем во државата.
„Ќе дојде до редефинирање на нацрт-амандманот, во насока дека со предложениот амандман ќе се даде можност со закон да бидат основани меѓунородни финансиски зони и дека со законот ќе бидат уредени односите во рамки на самата зона“, вели заменик-министерката за правда Билјана Бришковска- Бошковска.
Редефинираните амандмани уште еднаш ќе одат на владина седница, а потоа ќе бидат презентирани во јавноста.
Слично
