Власта и опозицијата со ист став: Јовановиќ не треба да биде директор на кумановската пошта
Двете најголеми партии, опозициската СДСМ и владејачката ВМРО ДПМНЕ со ист став, поставувањето на поранешниот градоначалник на Старо Нагоричанина, Миодраг Јовановиќ, за директор на Македонска пошта во Куманово, е лош потег.
Први на прес конференција се појавија СДСМ, чиј портпарол Петре Шилегов обвини дека на Јовановиќ му се дозволува да избега од одговорноста случајот кога во април минатата година со службен автомобил го прегазил 30-годишниот Срѓан Лазаревиќ и побегнал од местото на настанот.
„Со ова не само што му дозволуваат на Јовановиќ да избега од својата одговорност, туку истиот со новата функција – директор на пошта во Куманово, го наградуваат за неговата послушност и лојалност кон партијата“, изјави на денешната пресконференција, Петре Шилегов, портпарол на СДСМ обвинувајќи ја власта за двојни аршини.
Брзо реагираа од ВМРО-ДПМНЕ од каде што велат дека не се согласуваат со одлуката Јовановиќ да биде в.д. раководител во кумановската пошта.Од партијата најавија дека во рамки на законските и институционални можности ќе покренат иницијатива за смена на Јовановиќ од функцијата.
„Иако станува збор за позиција која ја извршувал пред да стане градоначалник, лицето Миодраг Јовановиќ во овој момент, според сите етички норми, не треба да ја извршува истата функција. ВМРО-ДПМНЕ е единствена партија која во овие дваесетина години покажа капацитет за кадровска обновливост и партија која постојано ја испитува подготвеноста на кадрите да ги извршуваат своите обврски. Таквиот принцип се надеваме дека ќе биде прифатлив и за партиите од нашата коалиција и за сите останати партии во Република Македонија“, стои во реакцијата на владејачката партија.
