Власт – опозиција: За враќањето на ДДВ директно во џебот кај граѓаните
Првата мерка од новата програма на СДСМ за враќање на ДДВ директно на граѓаните и денеска тема на власта и опозицијата. За вицепремиетот Пешевски ваквата мерка е несериозна, за СДСМ пак е сосема реална.
Според Ванчо Узунов, потпретседател на СДСМ, владата бега и се плаши од идејата за враќање на 15% од ДДВ кај граѓаните.
„Очигледно станува збор за желба сите пари да ги контролира и да ги задржува единствено власта. Кој е утка, а кој навистина има елементарни непознавања граѓаните лесно ќе проценат затоа што ДДВ плаќаат скоро секаде, секој ден“, забележа Узунов кој додаде дека предлогот на СДСМ е да им се врати, и дел од парите на граѓаните од данокот, кој секојдневно и насекаде го плаќаат.
Од СДСМ повторија дека кога враќањето на ДДВ ќе биде директно кон граѓаните, ефектот од предложената мерка е голем, а секое семејство во Македонија, во просек ќе има меѓу 20 и 30 илјади денари годишноповеќе пари во семејниот буџет.
„Народот очекува било кое прашање што е од интерес на граѓаните да биде сериозно разгледано, и од страна на Владата. Доколку власта, или нејзините министри, вице-премиери, сакаат да ги коментираат предлог – мерките кои се во интерес на граѓаните, тоа треба да го направи одржливо, аргументирано, и со факти“, истакна Узунов.
За вицепремиерот Владимир Пешевски, сериозната држава ги гради своите инстититуции, ги обучува своите инспектори, ги екипира и обезбедува соодветен буџет за нив и на тој начин понатаму ја спроведуваат фискалната дисциплина, одговарајќи на идејата на СДСМ граганите сами да бидат одговорни за своите пари.
Тој посочи дека ниту една членка на ЕУ нема ваков механизам каде на граѓаните им се враќа дел од ДДВ, а како пример ја наведе Турција, која ваквата мерка ја укинала поради катастрофалните ефекти.
Според Пешевски ВМРО – ДПМНЕ воведува силни механизми на контрола, но ниски даночни стапки, а кај СДСМ има високи даночни стапки но низок степен на контрола. – Тоа е еден неуреден систем, истакна Пешевски.
„Имаме една огромна лепеза производи и услуги за кои од 2006 година оваа Влада конастантно ги намалува даночните стапки. Тоа е пристапот . Тоа е разликата како на даночниот систем гледа ВМРО-ДПМНЕ, како на даночниот систем гледа СДСМ“, изјави Пешевски одговарајќи на СДСМ.
Слично
