„Власт без граѓанска контрола и стручен надзор ги носи најлошите можни одлуки“: Трајковски остро за производството на струја
Министерката за енергетика со весел глас ни соопшти дека од следната година државниот ЕСМ ќе му обезбедува на универзалниот снабдувач „ЕВН“ само 70% од потребните количества електрична енергија, наместо досегашните 100%. Наместо да се срамат и да поднесат оставки поради овој очигледен неуспех и загрижувачкиот колапс на државната енергетика, тие дури и се фалат со ваквото „достигнување“.
За кого може оваа вест да биде радосна, освен за приватните производители и трговци со електрична енергија, на кои ширум им се отвора просторот за проширување на бизнисот и за енормен раст на профитите?
Ова го посочува професорот од Техничкиот факултет при Универзитетот Свети Климент Охридски, Битола, Дејан Трајковски.
- За нас, инженерите, оваа вест всушност не претставува никакво изненадување. Веќе пет години континуирано укажуваме дека доколку државата не започне масовно да гради обновливи извори на енергија и капацитети за нејзино складирање, по трошењето на последните резерви јаглен, што е реалност која ни се случува токму деновиве, државата и граѓаните ќе останат без сопствено, државно производство на електрична енергија. На државниот ЕСМ, пак, поради долгогодишното присилно продавање на струјата по цена пониска од производствената и трупањето загуби, сега му се заканува реален финансиски колапс и стечај. Работите, за жал, се одвиваат токму според ова црно сценарио.
Граѓаните, од своја страна, се единствено заинтересирани дали намалувањето на испораките на електрична енергија од домашниот ЕСМ ќе донесе повисоки сметки. Министерката се обидува да нѐ успокои со тврдењата дека цената на енергијата од фотонапонските централи на берзите често изнесува нула денари, па затоа цената на струјата наводно ќе паѓала. Меѓутоа, таа свесно премолчува дека во зимскиот период, кога производството од сонцето е минимално, ќе мораме да увезуваме енормно поголеми количини на екстремно скапа енергија - нагласува Трајковски.
Тој додава дека доколку државата не интервенира директно од буџетот со субвенционирање на скапата увозна струја, тоа бездруго би значело драстично поскапување.
- Меѓутоа, бидејќи зголемувањето на цените е исклучително непопуларна мерка, властите, со цел да го зачуваат социјалниот мир, веројатно ќе ја одржуваат цената на приближно исто ниво преку дотации од државната каса. Но, ова неминовно ќе доведе до дополнително продлабочување на буџетскиот дефицит и забрзан раст на јавниот долг, во услови кога државата и сега се соочува со сериозни проблеми во прибирањето буџетски приходи.
На тој начин, актуелната власт ќе го претвори видливиот и моментален проблем (итното зголемување на цените) во невидлив проблем, односно во јавен долг кој ќе го отплаќаат идните генерации. Накратко кажано, неинформираните граѓани во моментот ќе се радуваат на привидно ниските цени, за кои подоцна со децении ќе плаќаат и поради кои ќе мизеруваат нивните деца и внуци - објаснува Трајковски.
Потоа додава дека „ова ни се случува затоа што власта одлучи да фрли неколку милијарди евра во економски нерентабилни и загубарски проекти за пруги и автопатишта на Коридорите 8 и 10, кои се неодржливи и ќе генерираат само загуби и долгови, наместо тие средства стратешки да ги вложеше во државната енергетика“.
- Обновливите извори на енергија се инвестиција што самата се отплатува. Што е уште поважно, на тој начин за граѓаните ќе имаше повеќе од доволно електрична енергија по стабилни и предвидливи цени, дефинирани врз основа на капиталните и оперативните трошоци, наместо денес сите да зависиме од непредвидливоста и шоковите на светските берзи.
Власт што е оставена без граѓанска контрола и стручен надзор секогаш ги носи најлошите можни одлуки, за кои за жал, никогаш и никому не одговара. Впрочем, тешко е да се очекуваат издржани решенија од министерка која, како економист, нема техничко образование ниту инженерско познавање за оваа исклучително комплексна област - нагласува на крајот професорот.
Слично
