Економија, финансии, бизнис

Контакт

Владо Димовски: Македонското образование го допира дното!

Владо Димовски: Македонското образование го допира дното!
Македонското образование го допира дното-алармираат просветните работници. Основното  и средното образование во кои учениците  треба да ги  добијат  основните животни и едукативни лекции и знаење  во моментов, велат,  се доведени до најниското  можно ниво од било кога досега. Според професорот  Владо Димовски, член на Наставничкиот пленум, состојбите во образовниот систем веќе подолго време имаат сериозни импликации врз процесот на поучување и квалитетот на наставата. Во пракса, според него, постојано наидуваат на недоследности и контрадикторности од поставените воспитнообразовни цели и она што како краен резултат се очекува од учениците и наставниците: квалитетни знаења, способности и ставови кај учениците и овозможување квалитетна настава од страна на наставниците низ процесот на поучување. “Условите во кои моментално се работи се под секои стандарди па и пониско. Во најголем број училишта или  скоро 86 отсто  веќе нема здрав учебник, нема здрав компјутер, некаде за жал и воопшто ги нема, задоцнија  од Кина, нема воопшто интернет и што уште не. Нема е најчестиот збор кој се слуша за образованието”-вели професорот  Владо Димовски од Наставничкиот пленум. Истражувањата кои ги направиле неколку невладини организации, меѓу кои и Центарот за меѓуетничка толеранција, според Димовски,  покажуваат дека во училиштата се учи по стари и дотраени учебници,со многу печатни но исто толку и суштествени грешки во материјалот. “Старите учебници се скроз искинати после употреба од пет години ,стари ,нови тие се од пред пет години, има недостаток на  учебници, по некои предмети воопшто и ги нема, содржините во учебниците се со многу лош квалитет,има печатни грешки колку да сакате, иако после првата употреба беше укажано на нив, има несоодветни слики според содржините во учебниците,искривена историја во учебниците,несоодветни преводи во учебниците за заедниците, недостаток на програми по повеќе предмети,грешки во електронските дневници,неажурност во водењето на електронската евиденција од страна на ресорното министерство”-набројува Димовски. Дополнително според него, евидентно  е дека во голем број училишта, особено во основните има голем број несоодветен просветен кадар. Според статистиките на невладиниот сектор, вели тој, дури 1647 вакви кадри кои се без завршено вишо или високо образование изведуваат настава и учат деца кои треба да бидат идни студенти и академски граѓани. “ Предаваат  таканаречени наставници кои едвај завршиле средно образование матурирале со двојка и сега предаваат по неколку стручни предмети, странски јазици иако тешко дека  ќе избројат до 20 на странскиот јазик кој го предаваат. Голем број предаваат стручни предмети како биологија,географија, историја, хемија иако за жал незнаат кој е хемискиот елемент за вода.Во 32% од училиштата нема интернет. Во  17% од училиштата не се пристигнати во целост компјутерите , додека во над 43% иако се пристигнати и после пет години не се инсталирани во училниците заради слаб напон на електричната енергија. 14% од наставниците не пополнуваат електронски дневник, а дури 27% од наставниците малку знаат или воопшто не знаат да работат со компјутери”-нагласува професорот  Владо  Димовски. Дополнително, според него, расте и недовербата кон синдикатот поради сеуште нерешените проблеми кои со години ги мачат просветните работници. Новите законски измени за основното и високо образование кои беа  усвоени експресно од собранието,вели, беа причина за штрајкот на просветните работници со кој се прати порака до власта, сериозно да ги редефинира своите одлуки, веќе озаконети во отсуство од широка јавна дебата и учество на практичарите во законските решенија. Просветните работници  посочуваат дека постојат сериозни спротивности помеѓу определените воспитно образовни цели, зацртани во Националната програма за развој на образованието 2005-2015-та, во наставните програми за основно и средно образование и првенствено што е загарантирано со Уставот на Република Македонија, и она што се очекува од ученикот и наставникот.Оттаму бараат  ставање на новиот Закон за наставници во основното и средно училиште вон сила, сé до конечно усвојување на новите решенија кои ќе произлезат врз основа на темелна анализа на состојбите во образованието и отворање широка јавна дебата во која ќе земат учество сите релевантни стручни кадри особено практичари од основното и средно образование.Дополнително, според наставниците треба да има  целосно укинување на казните и наградите кои се резултат од екстерните тестови, а во меѓувреме да се направи длабока компаративна анализа со другите европски образовни системи на начинот на осмислување и реализирање на екстерното тестирање и да се прецизира во кој период од школување ќе се реализира, а не како до сега во сите години за учениците од трето одделение до четврта година средно образование и да се ревидира системот на професионален и кариерен развој на наставниците и да се исфрлат законските одредби кои го поврзуваат овој систем со резултатите од екстерното тестирање. Во меѓувреме,  Министерството за образование и наука и Самостојниот синдикат за образование, наука и култура-СОНК,  ги продолжуваат преговорите преку работни групи со претставници на двете страни. Според досегашните остварени средби, очекувањата на социјалните партнери се позитивни, со оглед на постигнатиот степен на приближување на ставовите за повеќе точки кои се предмет на дискусија и анализа. И двете страни засега официјално комуницираат со јавноста преку соопштенија во кои изразуваат задоволство и уверување дека конструктивноста и натаму ќе биде основна одлика во пристапот за водењето ефикасен и ефективен социјален дијалог и во исполнувањето на обврските произлезени од него.
Слично

Поврзани вести