Економија, финансии, бизнис

Контакт

Владините мерки за заштита на домашната пченица остануваат на сила

Владините мерки за заштита на домашната пченица остануваат на сила

Сепак, Македонија нема да ги укине ограничувањата при увоз на пченица и брашно се додека не се стабилизира пазарот. Воведувањето заштитни механизми било во согласност со домашното и со меѓународното право.

„Во овој период од кога мерката е воведена, Владата и сите државни институции се фокусирани на надминување на предизвикот што постоеше на пазарот со пченица за да се стекнат услови мерката да биде повлечена. Во овој момент мерката е се уште актуелна, а ние сме фокусирани на подобрување на пазарниот инструментариум“,изјави Александар Ѓорѓиев, портпарол на Владата.

Тој апелираше сите субјекти, домашни и од странство, да покажат конструктивен однос зашто пазарот, рече, е материја што битно зависи од психолошките перцепции, изјави, насоки или определени видови постапки.

„Фокусирани сме, работата оди добро и веќе над 70 проценти од домашното производство на пченица е дистрибуирано меѓу откупувачите. Се трудиме тој процес да биде забрзан и во соодветен период да можат да бидат отстранети условите поради кои беше воведена заштитната мерка.

„Повеќе пати имаме разговарано со сите засегнати страни, кој и да побарал, сме дале информација базирана на аргументи. Очекуваме предизвикот да биде надминат во догледен период“, потенцираше портпаролот на Владата Ѓорѓиев.

Овој владин став е одговор на вчерашниот ултиматум од Белград кој на Скопје му даде рок од една недела да ги укине ограничувањата за српските пченица и брашно, во спротивно од 15-ти август ќе вовеле контрамерки насочени кон македонското овошје, зеленчук и вино.

На вонредниот состанок на ЦЕФТА пред еден месец, било договорено ограничувањата да се укинат во разумен рок. Најновиот проблем меѓу Србија и Македонија е дефиницијата на терминот „разумен рок“.

Заштитната мерка која предвидува задолжителен откуп на 3 односно 4 килограми домашно лебно жито за секој увезен килограм пченица или брашно се воведува четврта година по ред. Но, ова е прва година Србија да го проблематизира тоа.

Слично

Поврзани вести