Владини кампањи за јавен интерес или за корумпирање на медиуми?
Кампањи за јавен интерес или за корумпирање на медиуми. Откако почна масовното владино рекламирање, експертите си го поставуваат ова прашање, дали парите за јавни кампањи се користат за придобивање на наклонетоста на медиумите или за промовирање на јавни цели.
Иако може да се смета дека одговорот е некаде на средина, факт е дека во Македонија откако почнаа владините кампањи, многу медиуми ја свртеа политиката, а земјата драматично назадуваше на листата на слободни медиуми на Фридом Хаус.
Податоците наведени во извештајот за владините реклами, што неодамна беше објавен на интернет страницата на Владата покажува дека за владините кампањи спроведени во 2012, 2013 и првите шест месеци од 2014 година. Во овој период Владата водела вкупно 27 медиумски кампањи, за кои потрошила околу 18 милиони евра.
Од податоците на Извештајот се гледаше дека постои тренд на зголемување на средствата што Владата ги трошела за оваа намена. Ако во 2012 година за кампањи се потрошени 6. 6 милиони евра, само во првите шест месеци од 2014 се потрошени скоро 4 милиони евра.
Најголем дел од кампањите се за информирање и запознавање на граѓаните за придобивките од реформите во разни области, како што се судство, здравство, образование, земјоделство, туризам, администрација, четири кампањи се за поттикнување на иновативниот и претприемачкиот дух, и по две против абортусот, за соживотот и две под мотото “Истражи ја Македонија“ како и една за промовирање на семејните вредности.
Од Здружението на новинари нагласуваа дека податоците покажале оти Владата нема јасни критериуми за распределба на рекламите и парите предвидени за нив.
„Според Анализата на пазарот на радиодифузната дејност за 2013 година од Агенцијата за аудио и аудиовиозуелни медиумски услуги, ТВ Сител има 28. 6 % учество во вкупната гледаност, а во истата година има добиено 791 објави од спотовите на владините кампањи. Од друга страна Телевизијата Алфа, која истата година имала учество од 3.2 % од вкупната гледаност, има добиено 5295 објави од кампањите. Од овие податоци јасно се гледа дека има огромен дисбаланс меѓу гледаноста на телевизијата и добиените објави од кампањите“, истакнува ЗНМ.
Владата со 7.2 милиони евра, има речиси ист број на емитувани спотови колку што заедно имаат првиот, третиот и четвртиот од најзначајните огласувачи во медиумите. Тоа значи дека Владата со овие пари има закупено ист простор во медиумите, колку што имаат заедно Проктер &Гембел, Кока Кола и Оне.
Сега владата се согласи времено да ги стопира рекламите, но ниту министерот Иво Ивановски, ниту претседателот на ЗНМ Селмани кажуваат за кој период станува збор. Јасно е дека ова Владата го прави под притисок на ЕУ која во сите досегашни извештаи го критикуваше владиниот однос кон медиумите.
Слично
