Владимир Николовски, Нова Македонија: Жално е што Македонија живее од буџетот!
На страна од политичките препукувања и собраниските бурлески во пресрет на локалните избори, сметам дека целата врева што се крена околу усвојувањето на предлог-буџетот за 2013 година јасно покажува колку многу граѓани и фирми во Македонија се директно зависни од расходите на државната каса, што е жално. Освен администрацијата, пензионерите и социјалците за кои како по правило се трошат најголем дел од буџетските пари, голем дел од македонскиот бизнис сектор се уште живее од државата, наместо вистински да стопанисува и да се ориентира кон странските пазари.
Инаку, во предлог-буџетот за 2013 година се планираат буџетски приходи од околу 2,4 милијарди евра и буџетски расходи од околу 2,7 милијарди евра, што е безмалку исто како и годинава. Тоа значи дека во земјава нема ништо посебно да се смени ниту следната година. Уште еден показател дека следната година Македонија ќе доживее статус кво кога станува збор за економијата е изненадувачки ниската прогноза за пораст на бруто-домашниот производ (БДП) од само 2 отсто го испланира Владата во предлог-буџетот за 2013 година. Првпат по неколку години нејзините проекции за македонската економија се попесимистички од оние на Народната банка.
Добро е што во делот на расходната страна не се планирани дополнителни оптоварувања за бизнис-секторот и има пораст кај капиталните инвестиции од 10,4 отсто. Позитивно е што првпат во земјава капиталните инвестиции се насочени кон изградба на навистина важни инфраструктурни објекти како што се Коридорот 10, односно автопатската делница Демир Капија - Смоквица, железничката инфраструктура Куманово - Бељаковце, како и почнувањето на активностите во врска со гасификацијата. Во однос на дебатата, дали треба да се штеди односно да се намалат буџетските расходи или да се оди кон експанзија, сметам дека е добро да се зголемуваат расходите додека дозволуваат можностите, но под услов парите да бидат насочени во изградба на автопатишта, пруги, гасификација и енергетски капацитети.
Владимир Николоски, Нова Македонија
Фактор ќе ви ги претстави различните мислења на дел од македонските новинари во однос на случувањата околу Буџетот. За Фактор, пишуваат новинарските пера од повеќе македонски медиуми, секој со свој став за она што деновиве се случува во Собранието. Разноликоста на перцепциите и предвидувањата носат интересен поглед, а можеби и интересни солуции за излез од пат позицијата во која заглавија власта и опозицијата. Не мора да значи дека ставовите на новинарите ја одразуваат уредувачката политика на Фактор, но и сега и во иднина ќе правиме се овие ставови да бидат достапни за нашата читателската публика, како придонес во развојот на економската дебата.
Слично
