Владеачката партија со повик до Телма: „Кажете кој ви прави притисок и нарачува вести“?
Откако во вчерашните вести ТВ Телма започна кампања со црвен телефон и истата има за цел борба против цензурата во новинарството и нарачаните вести, денеска од владеачката партија на ВМРО-ДПМНЕ ја повика телевизијата да каже пред целата јавност кој се јавувал и правел притисоци кај нив.
ВМРО-ДПМНЕ инсистира „Телма“ да објавува прилози какви што сака и да не прифаќа никакви притисоци. Но, во една ваква политичка ситуација, телевизија „Телма“ со вакви чудни маркетиншки потези само добива сивило, кое ни црвен телефон не може да го промени – стои во писменото соопштение на ВМРО-ДПМНЕ .
„ВМРО-ДПМНЕ бара јавно да се каже кој прави притисок врз „Телма“ и инсистира да не се ставаат сите политичари во ист кош. Телевизија „Телма“ по овој потег има силна обврска пред јавноста да каже кој ѝ вршел притисок. Ако „Телма“ не го направи тоа, тогаш ќе остане јасно дека црвени телефони и површен маркетинг за слобода им се позначајни од транспарентноста и точното информирање. ВМРО-ДПМНЕ ќе ја прашува Телма да објави кој и правел притисоци, се додека не објави. Тоа е наша должност за да се спротивставиме заеднички на сите обиди за манипулација на јавноста. На јавноста, откако Телма направи ваков чекор, не и се доволни црвен телефон и маркетинг директор кој го смислил ова. На јавноста и треба име и презиме кој и кога правел притисок врз оваа телевизија“, истакнуваат од оваа партија.
