Владата „затворена“ за бројот на пријавени експерти за преговори со ЕУ
Владата на Македонија е „затворена“ за информации во врска со бројот на пријавени надворешни експерти за стартот на скрининг процесот и отворањето на поглавјата со Европската Унија.
Јавниот повик беше затворен вечерта на 10 октомври.
- Не смееме да изнесуваме такви информации затоа што може да влијаат на процесот на селекција и на скенирањето на квалитетот кој го поседуваат кандидатите. Допрва треба да се види комисиски дали ги задоволуваат критериумите што се бараат - вели Миле Бошњаковски, владиниот портпарол.
Владата и Секретаријатот за европски прашања изминатиот период упатија јавен повик за создавање на регистар/база на надворешни експерти на кои ќе може да сметаат во текот на процесот на објаснувачки скрининг и процесот на преговори за пристапување кон ЕУ и кои ќе може да ги ангажира повремено, привремено или постојано, на пократок или подолг рок.
Сите заинтересирани лица можеше да се пријават за едно или повеќе поглавја од правото на ЕУ, односно подрачја, теми и поттеми во рамки на поглавјата од правото на ЕУ.
Во повикот не е наведено за евентуална квота, односно ограничен број на стручњаци кои би биле ангажирани.
