Економија, финансии, бизнис

Контакт

Владата засега не се откажува од ДДВ-то и акцизата од скапите горива

Владата засега не се откажува од ДДВ-то и акцизата од скапите горива

Владата на вчерашната редовна седница разгледувала, но не донела мерки за евентуално намалување на акцизата и ДДВ-то на горивата чии што цени повторно се движат кон претходниот пик.

Иако кризната состојба за снабдувањето со нафта и нафтени деривати формално трае до 20 јули 2026 година, во моментов нема активна мерка за намален ДДВ или намалена акциза на горивата.

Во однос на претходната пресметка, бензините поскапеа за 1,5 денар, дизелот за 5,5 денари, а екстра лесното масло за 4,5 денари. Дизелот во Македонија во моментов е 88 денари, бензинот БС-95 е 87 денари.

На светската берза, во моментот цената на референтната европска нафта брент се движи околу 85,4–86 долари за барел, додека американската WTI е околу 80 долари за барел. Берзанската цена се менува во текот на денот.

„Ве информираме дека Владата и надлежните институции континуирано ја следат и анализираат состојбата на пазарот. Во овој момент сеуште е активна одлуката донесена до 20 јули, но доколку околностите го наложат тоа, Владата ќе ги разгледува сите можности и мерки кои ни стојат на располагање, вклучително и можноста за нејзино продолжување.

Важно е да се напомене дека и во услови на најголемата светска енергетска криза, Македонија успеа да ги задржи најниските цени на дизелот и безоловните горива, што е резултат на навремените и одговорни политики за заштита на животниот стандард на граѓаните и обезбедување стабилност на домашниот пазар“, гласи коментарот кој го добивме од Владата.

Универзитетскиот професор Ванчо Узунов смета дека сосотојбата на буџетот во моментов не дозволува враќање на претходните мерки кои беа воведени со почетокот на кризата на Блискиот исток во март.

- Владата нема да го направи тоа, бидејќи буџетот ќе отиде во неповрат. Станува збор за приходи кои најмногу го полнат буџетот на дневна основа. Во моментов повеќе се потребни социјални и таргетирани мерки. Владата половина година ништо не прави, освен што вика дека ќе воведе ред, иако ги има потребните механизми, а и да ги нема, ќе може да ги донесе, вели Узунов.

А.К.

Слично

Поврзани вести