Економија, финансии, бизнис

Контакт

ВЛАДАТА ВО ПОТРАГА ПО КАНДИДАТ ЗА ДИРЕКТОРСКО СТОЛЧЕ – искуството ќе одреди кој ќе раководи со оваа институција

ВЛАДАТА ВО ПОТРАГА ПО КАНДИДАТ ЗА ДИРЕКТОРСКО СТОЛЧЕ – искуството ќе одреди кој ќе раководи со оваа институција

Владата бара нов кандидат кој би го презел раководното „кормило“ на Бирото за метрологија. Иако условите кои се бараат од идниот директор на ова Биро се генерално слични, како и кај другите огласи со кои се бараат кандидати за одредени позиции, сепак, овој пат, искуството ќе игра голема улога.

На веб страната на Владата поставен е Јавниот оглас за именување директор на Бирото за метрологија, орган во состав на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Директорот ќе биде именуван од Владата, на предлог на ресорниот министер.

Граѓаните кои се заинитересирани за оваа позиција треба да знаат дека за директор на Бирото за метрологија може да биде именувано лице кое е државјанин на Македонија, да нема изречена правосилна судска казна или прекршочна санкција за забрана за вршење дејност, да има завршено високо образование – најмалку 240 ЕКТС кредити или VII/1 степен.

Од кандидатите се бара да имаат најмалку пет години работно искуство, и притоа минимум три години на раководна позиција, а паралелно и неопходниот меѓународно признат сертификат за познавање странски јазик (англиски, француски или германски) на најмалку Б2 ниво.

Како валидни се прифаќаат и сертификати како TOEFL iBT, IELTS, Cambridge (FCE, ILEC), BULATS, APTIS, како и други официјални уверенија од акредитирани институции.

Владата не ја открива платата на директорот, туку само посочуваат дека таа ќе се пресметува согласно коефициентите за функционери кои ги именува Владата, утврдени со посебна одлука објавена во Службен весник.

Исто така е посочено дека во насока на транспарентност, документите за избраниот кандидат може да бидат јавно објавени на веб-страницата на институцијата и да бидат достапни за надзорните органи. Рокот за пријавување е најдоцна до 23 јануари 2026 година. Некомплетните и задоцнетите пријави нема да се разгледуваат.

Актуелен директор на Бирото за метрологија е Седад Рушани, кој со одлука на Владата од јули 2024 година беше именуван за в.д. директор на Биро за метрологија орган во состав на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

Според податоците објавени на веб страната на оваа институција, тој е актуелен директор, па затоа останува отворено прашањето дали ќе биде заменет со нов, или станува збор за продолжување на неговиот мандат.

П.О.

Слично

Поврзани вести