Владата со закон ќе бара квалитетно снабдување со струја и парно
Со нов Заккон за општа управна постапка, Владата најавува дека ќе ги принудува компаниите од приватниот сектор коишто нудат услуги за кои се овластени од државата да им обезбедат квалитетно снабдување на корисниците. Станува збор за компании од областа на енергетиката, телекомуникациите, снабдување со топлина, појасни министерот за информатичко општество и државна администрација Иво Ивановски.
„Се поставуваат нови одредби во законот за управна постапка со кои корисниците мора да добиваат услуга со квалитет. Се поставуваат услови за да не се доведеме до ситуација каде некои компании кои во време на транзицијата се приватизираа да можат да ги злоупотребуваат правата на граѓаните“, вели Ивановски.
Тој најави дека системот на управните постапки во Македонија целосно ќе се модернизира. Целта е комуникацијата заснована на информатичката технологија и едношалтерскиот систем да придонесе за поквалитетни услуги во државната и локалната управа.
Министерството за информатичко општество и администрација изготви драфт верзија на нов закон за општа управна постапка, како дел од задолженијата од високиот дијалог помеѓу Владата и Европската комисија. Една од новините ќе биде и воведување една точка за информации и услуги - граѓаните ќе можат да добијат услуга на еден шалтер во која било институција да се обратат.
„Доколку институцијата е информатички опремена тие ќе може да го добијат електронски, а доколку не по пошта. Со тоа се воведува уште поголема ефикасност во администрацијата, се заштедува време на граѓаните“, изјави Ивановски.
Министерството ќе почне јавна расправа за новото законско решение со вклучување на сите заинтересирани. Новиот закон за општа управна постапка треба да се донесе со двотретинско мнозинство во Собранието.
Слично
