Владата со нови мерки за вработување на млади лица
Осолободување од плаќање на социјални придонеси во текот на првата година за работодавачите од приватниот сектор кои ќе вработат млади лица до 29 години, евидентирани како невработени во Агенцијата за вработување. Ова е мерката за која Владата на денешната седница усвоила измени на три закони и ќе трае две години со можност за продолжување зависно од постигнатите резултати. Целна група се сите млади невработени лица до 29 години. Според статистиката на Агенцијата за вработување се работи за 45 илјади лица од кои 25 илјади активни баратели на работа и 20 илјади пасивни.
Новата мерка според премиерот Груевски овозможува работодавачот да биде ослободен од плаќање придонеси за пензиско и инвалидско осигурување, за здравствено осигурување и за осигурување во случај на невработеност.
- Ослободувањето од социјалните придонеси ќе биде за период од 12 месеци со обврска понатаму работодавачот да го задржи на работа тоа лице уште дополнителни 12 месеци. Ослободувањето ќе се однесува на основицата на која се плаќаат социјалните придонеси односно до основицата од просечната бруто плата од претходната година. Доколку работодавачот исплати нето плата повисока од просечната плата ќе треба да си изврши доплата на социјалните придонеси на разликата од просечната плата до исплатената плата, појасни Груевски.
Мерката воедно вели Груевски претставува и олеснување и поддршка за бизнис заедницата. Работодавачот ќе биде ослобеден и од плаќање персонален данок на доход за тоа лице, можност што постои како законско решение.
- Сега покрај тоа што работодавачот ќе биде ослободен од плаќање персонален данок за вработување млади лица до 29 годишна возраст дополнително ќе биде ослободен од плаќање социјални придонеси за вработување млади лица до 29 години во период од 12 месеци. Тоа, за работодавачот значи намалување на трошоците за вработување на лица за 37 проценти, односно 27 проценти за придонеси и 10 проценти за персонален данок од големината на бруто платата, рече Груевски.
За да ја користат новата мерката работодавачите од приватниот сектор не треба да го намалиле бројот на вработени на неопределено време од 1 јануари годинава до денот на вработувањето на новите работници, освен во случај на смрт, пензионирање или прекршување на Законот за работни односи. За користење на оваа можност тие треба да поднесат барање до Агенцијата за вработување. Ако неосновано го намалат бројот на вработени во период од 24 месеци и го откажат договорот за вработување со ангажираното лице, имаат обврска за плаќање на придонесите од задолжителното социјално осигурување.
Слично
