Владата со нов сет мерки ќе и помага на бизнис заедницата
Нов сет мерки за помош на бизнис заедницата усвои Владата на денешната седница. Како прва мерка, Владата ја усвои Информацијата и Акцискиот план на Македонската банка за поддршка на развојот за почеток со реализација и користење на четвртата евтина кредитна линија за македонските компании, чија вредност е нови 100 милиони евра, при што Владата ја субвенционира и каматата која изнесува 5,5%. Првите 15,3 милиони евра за 66 претпријатија ќе можат да почнат да се влечат веќе од втората половина на месец јули 2014 година.
„Целта на кредитната линија е да се обезбеди подобрување и развој на производните способности на малите и средни претпријатија. Средствата ќе бидат наменети за компании кои со нивите вложувања придонесуваат за пораст на вработеноста, зголемување на извозот и поголема додадена вредност. Со кредитната програма малите и средните претпријатија ќе добијат значајна финансиска поддршка, што ќе придонесе за јакнење на нивните конкурентни предности на домашниот и странските пазари, и подобрување на нивната ликвидност и профитабилност“, појаснува премиерот Никола Груевски.
Втората мерка предвидува нивелирање на санкциите согласно економската моќ на субјектите, преку измени во Законот за прекршоци. Глобата за извршен прекршок за правните лица и трговците поединци ќе се врши врз основа на неколку критериуми: вкупен приход остварен во претходната фискална година, просечен број на вработени врз основа на состојбата на крајот на претходниот месец и претходно поведение на сторителот.
Така, по основ на критериумот вкупен приход остварен во претходната фискална година може да се изрече најмногу 70% од пропишаната глоба и тоа на следниот начин:
-за субјекти кои имаат приход од 0-500 000 денари – 10% од пропишаната глоба за тој прекршок. Во оваа категорија има 21.092 субјекта
-за субјекти од 500 001 до 1 000 000 – 20% . Во оваа категорија има 10.179 субјекти
-за субјекти од 1 000 001 до 3 000 000 денари – 30%. Во оваа категорија има 15 143 субјекти
-за субјекти од 3 000 001 до 6 000 000 денари – 40%. Во оваа категорија има 5 806 субјекти
-за субјекти од 6 000 001 до 20 000 000 денари – 50%. Во оваа категорија има 7294 субјекти
-за субјекти од 20 000 001 до 100 000 000 денари – 60%. Во оваа категорија има 4 106 субјекти
-за субјекти над 100 000 000 денари – 70% од пропишаната глоба за тој прекршок. Во оваа категорија има 1489 субјекти.
По основ на критериумот просечен број на вработени, врз основа на состојбата на крајот на претходниот месец, може да се изрече најмногу до 20% од пропишаната глоба и тоа на следниот начин:
- Од 0 до 9 вработени – 5%
- Од 10 до 49 вработени – 10%
- Од 50 до 249 вработени – 15%
- Над 250 вработени – 20%
По основ на критериумот претходно поведение на сторителот може да се изрече најмногу 10% од пропишаната глоба и тоа на следниот начин:
- доколку субјектот нема изречено претходни санкции – 0%
- доколку субјектот има изречени правосилни претходни санкции – 10%
На овој начин поголеми казни ќе плаќаат фирмите со поголеми приходи, поголем број на вработени и тие што повеќепати прават прекршок, појаснува Груевски.
„На пример доколку една глоба е 10 000 денари. Доколку прекршок стори субјект кој има приходи до 500 000 денари годишно и има до 9 вработени, и претходно нема сторено таков прекршок, тогаш тој ќе плати глоба пресметана на следниот начин:
-Врз основа на приходот кој му е до 500 000 денари тој ќе плати 10% од предвидената глоба, значи 1000 денари.
-врз основа на бројот на вработени кој е до 9 вработени тој ќе плати 5% од предвидената глоба, значи 500 денари.
Значи субјектот наместо 10 000 денари како што беше досега согласно досегашниот закон, сега согласно новиот закон ќе плати 1500 денари“, вели премиерот.
Како трета мерка, Владата одлучи да се започне со реализација на последната фаза на проектот Топ менаџмент, кој опфаќа реализација на практична обука на менаџерите од домашни компании, и тоа во рамките на странски компании. Со овој проект ќе бидат опфатени 140 менаџери од македонски компании, кои веќе врз основа на јавен и транспарентен оглас во изминатиот период беа селектирани и ја имаат поминато теоретската обука. Сега, практичната обука ќе се спроведе во високо развиена земја во странство во траење од 1 месец.
Слично
