Владата со нов пакет мерки за 16.266 вработувања во 2015
Со новиот Оперативен план за активни мерки за вработување ќе бидат опфатени 16.226 невработени лица од што Владата очекува околу 8.200 директни вработувања. За спроведување на Оперативниот план е предвиден буџет од 660 милиони денари, информира денеска на прес-конференција вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски.
Вицепремиерот Пешевски, појасни дека преку овие мерки за вработување ќе има еднаква застапеност при вработувањата меѓу мажите и жените.
Со програмата за самовработување ќе бидат опфатени 960 лица, за поддршка на микро и малите претпријатија за создавање нови работни места 200 лица, со Програмата за условен паричен надомест за субвенционирани вработувања на лица со социјален ризик е предвиден опфат на 136 лица, за субвенционирано вработување на невработени и млади до 29 години преку ослободување придонеси опфатот е 5.000 млади.
„За оваа година е предвиден буџет од 660 милиони денари кој е распореден за финансиска поткрепа за мерките за вработување и самовработување кои се пласирани преку АВРМ. Исто така, предвидено е околу 30 отсто од вработувањата да се однесуваат на младите лица“, изјавил вицепремиерот.
Министерот Спасов, пак истакна дека активните мерки за вработување и самовработување за 2015 година се крупни потфати преку кои се влијае на економската благосостојба во државата.
„Акцентот е ставен на мерките за вработување на млади лица до 29 години за кои е изработена и конкретна програма. На невработените, како и на компаниите на располагање им се сите мерки за намалување на невработеноста во државата“, изјавил Спасов.
