Владата смирува – „пресушениот“ Јужен тек нема да ја доведе во опасност гасификацијата на Скопје
Гасификацијата на Скопје и на Македонија ќе се реализира, без разлика каква ќе биде судбината на гасоводот Јужен тек, соопштува Владата.
Од таму уверуваат дека реализацијата на гасификацијата на Скопје не е доведена во прашање, а прелиминарните анализи покажале дека и другите два лота - за источна и западна Македонија, можат да се вклопат во постојните количества и капацитети на снабдување со гас.
Освен ова, внимателно се следи состојбата и се разгледуваат и сите останати можни алтернативи.
„Соодветно внимание се посветува и на Јужен тек и на Трансјадранскиот гасовод ТАП, како битни проекти за долгорочна енергетска иднина на земјата. За ТАП подолго време комуницираме со партнерите, сме имале поголем број контакти, квалитетни и по обем и по суштина, последен пат со претставници на ТАП, кои беа во земјава неодамна, и на овој план работите се одвиваат во добра насока. Покрај овие два проекта, Владата разгледува и други алтернативи за долгорочно снабдување со природен гас, за кои се извршени и разговори“, соопшти Владата.
Реализацијата на Јужен тек стана неизвесна откако Бугарија ги стопираше работите за изведба на проектот на нејзина територија, по барање на Европската унија.
