Владата се фали со зголемени пензии, а колку се задоволни пензионерите?
Со зголемени пензии за дури 70 посто во последните 9 години вчера се пофали министерот за труд и социјална политика Диме Спасов на отворањето на 20-тите јубилејни Републички пензионерски спортски натпревари кои се потпокровителство на Владата на Република Македонија.
Тој направи споредба и истакна дека во 2006 просечната пензија изнесувала 7.683 денари, а во октомври 2015 истата ќе изнесувала 13.073 денари.
Спасов ја посочи Македноија како земја во која пензите се исплатуваат најредовно и континуирано се зголемуваат.
Од каде пари за зголемени пензии?
Најавеното зголемување на пензиите ќе чини дополнителни милиони евра. Засега нема најави дали тие ќе се обезбедуваат преку зголемување на дефицит во буџетот (задолжување), или по некоја друга основа.
Ако се оствари најавата за зголемување на пензиите по 600 денари од корисник тоа значи дека над 297 илјади корисници на пензија ќе го чинат буџетот над 29 милиони евра. Фондот за ПИОМ секоја година добива огромни дотации од буџетот. До пред неколку години, до 2008 та тие изнесуваа околу 100 милиони евра, сега, односно селдната година ќе бидат на ниво од 400 милиони.
Инаку професорот Беличанец смета дека зголемувањето на пензиите на начин на кој е најавено е спротивно на законот
„Линеарното зголемување на пензиите е спротивно на Законот за пензиско и инвалидско осигурување. Со линеарното зголемување на пензиите се урна, а со наредното зголемување се доурива пензискиот систем“ смета професорот.
Од обединети пензионери пак тврдат дека Владата манипулира со покачувањето на пензиите.
„Владата на Република Македонија, без трошка совест, го воведе терминот „зголемување на пензиите“, само во функција на сопствен маркетинг, а го суспендира член 37 од Законот за ПИО, со кој се регулира редовното усогласување на пензиите. Вторпат, сака пензионерите „да ги преведе жедни преку вода“, во што, на општо изненадување – од само ним познати причини, добива поданичка подршка, од Сојузот на здруженијата на пензионерите (СЗПМ)”, истакнаа претходниот месец од ова здружение.
Објаснуваат дека Владата е должна двапати годишно да ги усогласува просечните пензии со просечната плата, и велат дека токму поради тоа ова покачување е само привидно.
– Владата и раководството на СЗПМ, наместо што манипулират со терминот „зголемување“ на пензиите на солидарна основа, нека одговорат зошто е суспендирано усогласувањето, колку просечно на годишно ниво би изнесувало редовното усогласување на пензиите, зошто во ФПИОМ нема доволно пари, дали пензиите се социјални примања, каков е соодносот на просечната пензија и плата и како тие, како „демократи и лидери со претприемачки дух“, на мала врата во Македонија ја вратија урамниловката од времето на комунизмот” – се вели понатаму во соопштенмието на ПОПГМ.
Од партијата ги повикуваат сите пензионери да се борат за нивните права и против нивната манипулацијата.
