Владата распиша нов тендер за Чебрен, Галиште ќе извиси
Владата наскоро ќе го објави новиот, десетти по ред тендер за реализација на проектот за изградба на хидроцентралите Чебрен и Галиште на Црна Река. Јавниот повик ќе биде објавен во домашните и во еден странски весник.
- Условите на новиот јавен повик за реализација на постапката за доделување на концесија за користење на вода за производство на електрична енергија од хидроелектрични централи на Црна Река, познат како ХЕЦ Чебрен и ХЕЦ Галиште, се на некој начин балансирани помеѓу потребите на државата и барањата на идните концесионери - рече министерот за животна средина и просторно планирање, Абдилаќим Адеми, на денешната прес-конференција во Владата.
Тој посочи дека во новиот тендер не е предвидена изградбата на ХЕЦ Галиште, но се остава можност да се гради во иднина ако државата одлучи така.
- Новиот тендер предвидува висината на браната на ХЕЦ Чебрен да биде флексибилна помеѓу 182,5 и 192,5 метри со индикативен минимален вкупен инсталиран капацитет од 333 мегавати и можност за поставување на четири агрегати на ХЕЦ Чебрен. Исто така, се предвидува да се овозможи изградба на прибранска хидроцентрала на браната Орлов Камен со која нема да биде оневозможено градењето на ХЕЦ Галиште во иднина. Минималниот процент кој идниот концесионер треба да го понуди за АД ЕЛЕМ во заедничката компанија да не биде под 35 отсто. Кога ХЕЦ Чебрен ќе работи со пумпен режим цената за пренос на електрична енергија која се плаќа на АД МЕПСО да биде фиксна и да важи за целиот концесиски период на ниво од тарифата за 2013 година определена во висина од 4,4 евра по мегават-час - рече Адеми и додаде дека ХЕЦ Тиквеш ќе се отстапи на концесионерот три месеци по потпишувањето на договорот за концесија.
Со ваквите измени, како што нагласи, се очекува успешно завршување на тендерот кој ќе биде објавен во домашните и во еден од странските весници.
Слично
