Владата распиша јавен повик за дванаесет ловишта под концесија
Со цел обезбедување на одгледување, заштита и користење на дивечот во ловните региони, но и заради давање сериозни можности за остварување на бизнис за стопанските субјекти и нивно функционирање во профитабилна дејност, и за обезбедување на нови работни места и вработување на граѓаните, Владата преку Mинистерството за земјоделство, шумарство и водостопанство распиша јавен повик за доделување под концесија на дивечот во 12 ловишта кои се лоцирани во 5 ловни региони во Република Македонија, информира денеска владиниот портпарол, Александар Ѓорѓиев.
Од овие 12 ловишта, 3 се ловишта со ситен дивеч, чиј период на концесија изнесува 10 години, а 9 се ловишта со крупен дивеч чиј период на концесија изнесува 20 години.
-Се работи за концесии на 12 ловишта во земјата, од кои по едно ловиште во реонот на Македонски Брод, Прилеп и Струга, 4 во Кочани, и 5 во Делчево, вели портпаролот.
На овој јавен повик право за учество имаат сите домашни правни лица и сите странски правни лица кои имаат регистрирано подружница во Република Македонија, согласно Законот за трговските друштва, кои ги исполнуваат условите од повикот и ќе подигнат тендерска документација и ќе поднесат понуда. Рокот за поднесување на понудите е до 20 јануари 2015 година, кога ќе следува и нивното јавно отворање. Во тендерската документација се содржани податоци за ловиштата, времетраење на концесијата (10 или 20 години), површина на ловиштата, десетгодишниот износ на концесиски надоместок утврден со ловностопанската основа за секое ловиште посебно кој е и минимален концесиски надоместок и останати услови и критериуми од значење за процесот и кои треба да се исполнат. Минималниот концесиски надоместок наведен во тендерската документација, не е финалната сума која би ја плаќал концесионерот, тоа е само сума која служи како ориентир за субјектите кои конкурираат на јавниот повик за да ја формулираат нивната сума на концесиски надоместок која ќе ја понудат во јавниот повик и која сума задолжително треба да е повисока од сумата на минималниот концесиски надоместок кој е предвиден во тендерската документација. Јавното отворање на понудите ќе биде на 20 јануари 2015 година. Оние субјекти кои ги исполнуваат општите услови и кои во своите понуди истакнале сума на концесиски надоместок која е повисока од сумата на минимален концесиски надоместок кој е предвиден во тендерската документација, се стекнуваат со правото и можноста да учествуваат на електронската аукција која е финална фаза во одлучувањето кој субјект ќе се стекне со правото на концесија на односно ловиште. Притоа, она што е особено битно е дека почетната сума на електронската аукција ќе претставува највисоката сума на концесиски надоместок која еден од понудувачите ја истакнал во неговата апликација која ја поднел на јавниот повик.