Владата повторно ги крати работничките права!?
Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, Левичарското движење „Солидарност“ и Движењето за социјална правда „Ленка“ најостро се спротивставуваат на новите измени на Законот за работни односи. Оттаму информираат дека со нив продолжуваат кратењата на работничките права, односно ќе дојде до продолжување на рокот во кој работодавачот може да му даде отказ на работникот ако има одреден проблем.
Така, ако сега првиот рок е три месеца, а вториот рок – шест месеци, владата предлага работник да може да добие отказ и година и пол од денот на дознавањето за фактите кои се основа за отказ, или три години од денот на настапувањето на фактите.
Со ова сметаат тие, делото ќе биде во голема мера злоупотребувано од работодавачите, кои ќе се закануваат со отказ на секој оној работник кој ќе се буни за своите права.
„Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, Левичарското движење „Солидарност“ и Движењето за социјална правда „Ленка“ најостро го осудуваат зголемувањето за дури шест пати (од 3 на 18 месеци и од 6 на 36 месеца) на роковите за застареност. Ваквото драстично зголемување на роковите за застареност во практиката ќе биде во голема мера злоупотребувано од работодавачите, на кои ќе им се отворат дополнителни можности да „ископаат“ во минатото причина за отказ на секој оној работник кој ќе се побуни за своите права“, реагираат од трите здруженија.
Оттаму ги повикаа синдикалните федерации и конфедерации (ССМ,КСС и другите) да не го премолчат и овој последен потег за намалување на работничките права.
„Функцијата на синдикатите е да ги штитат и да се борат за зголемување на правата на вработените, во спротивно се поставува прашањето: за чии интереси тие работат“, стои во соопштението.
Слично
