Економија, финансии, бизнис

Контакт

Владата остана без Јанкулоска и Јанакиевски, констатирани нивните оставки!

Владата остана без Јанкулоска и Јанакиевски, констатирани нивните оставки!
Парламентот на денешната седница се изјасниува за предлогот на премиерот Никола Груевски за изборот на нови министри за внатрешни работи и транспорт и врски, после оставките на досегашните први лица во овие ресори, Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиевски синоќа. Имено, Собранието ги констатирало нивните оставки на денешната седница која беше закажана за во 13 часот. Претседателот Трајко Вељаноски согласно Деловникот ги констатираше нивните оставки и констатираше дека им е престаната функцијата, додека пратениците го изгласаа дневниот ред на кој што се очекува да бидат изберени новите министри. Како што јавуваат медиумите премиерот Никола Груевски го образложил предлогот за нивни наследници  да бидат избрани Митко Чавков и Владо Мисајловски. Премиерот истакнал дека Чавков и Мисајловски се искусни и способни луѓе кои ќе можат да ги предводат МВР и Министерството за транспорт и врски. На седницата присуствуваат 79 пратеници, и тоа од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, ДУИ, ДПА и трите независни пратенички. Се очекува Парламентот по дебатата да гласа за новите предлози за министри. Како што пишувавме, доколку новите предложени министри од страна на Премиерот бидат прифатени од Собранието, тогаш директно ќе се прекрши Уставот на РМ. Имено, Чл.97 од Уставот на РМ вели дека: „Со органите на државната управа во областа на одбраната и полицијата раководат цивилни лица кои непосредно пред изборот на тие функции биле цивили најмалку три години“, а Согласно чл.15 од Законот за полиција, полициските работи во МВР ги врши Бирото за јавна безбедност како орган во состав на Министерството, што значи дека Чавков не може да биде избран за нов министер за внатрешни работи! Според Кире Миловски кој се огласи на социјалната мрежа Фејсбук: „Повеќе од очигледно е дека Чавков не може да биде избран за нов министер за внатрешни работи, вакви преседани не смеат повеќе да се прават, иако и во минатото имавме таков пример, па мораше Уставниот суд да донесе одлука!“ Според универзитетската професорка Мирјана Најческа, пак Чавков во никој случај не смее да биде избран за министер, бидејќи тој бил службено лице, со оружје и со командна одговорност, што значи дека не бил цивил. Митко Чавков е овластено службено лице, а за да биде избран за министер, морал да биде надвор од службата во изминатите три години. (Oвде може да го погледнете сами Уставот и членот 97 како гласи)    
Слично

Поврзани вести