Економија, финансии, бизнис

Контакт

Владата објави дека „Еуромакс Рисорсис“ ќе отвора рудник кај Иловица и Штука, судот пресудил во нивна корист

Владата објави дека „Еуромакс Рисорсис“ ќе отвора рудник кај Иловица и Штука, судот пресудил во нивна корист

Владата со соопштение до јавноста објави дека „Еуромакс Рисорсис“ ќе го отвора рудникот од проектот „Иловица и Штука“ за ископ на бакар и злато. Од таму велат дека операторот ја добил судската одлука во своја корист.

„Владата на денешната седница беше информирана од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини за донесена пресуда на Вишиот управен суд, со која се поништува одлуката за престанок на важење на одлуката за спојување на концесијата за експлоатација на минерална суровина на локалитетот Иловица, Општина Босилово, со концесијата за експлоатација на минерална суровина на локалитетот Иловица, Општина Босилово и Општина Ново Село. Станува збор за конечна судска одлука која Владата, како институција што го почитува владеењето на правото, е должна да ја почитува.

Истовремено, сакаме транспарентно и отворено да ја информираме јавноста дека ова прашање не е резултат на одлуки донесени од актуелната Влада, туку претставува наследена правна состојба која произлегува од одлуките за спојување на концесиите донесени во јуни 2023 година, како и од последователните одлуки за нивен престанок донесени само еден месец подоцна, во јули 2023 година, по што е покрената судска постапка пред надлежните судови. Денешната состојба е резултат на завршување на таа постапка со конечна пресуда на Вишиот управен суд“, објави Владата.

Од таму додаваат дека се очекува кај дел од граѓаните, локалното население и граѓанските организации да има отпор, но дека процесот ќе се одвива транспарентно.

„Наш приоритет останува создавање услови за економски раст, нови инвестиции и отворање работни места, но тоа никогаш нема да биде на сметка на здравјето на граѓаните, природните ресурси и животната средина. Заштитата на јавниот интерес, почитувањето на највисоките еколошки стандарди и целосната законитост на постапките остануваат принципи од кои Владата нема да отстапи.

Секое понатамошно постапување во однос на овој предмет ќе се одвива исклучиво врз основа на стручни анализи, законски процедури и институционален надзор, со целосна информираност на јавноста. Владата ќе продолжи одговорно, транспарентно и во согласност со законите да носи одлуки кои ги штитат интересите на граѓаните, обезбедуваат правна сигурност и создаваат услови за одржлив развој на државата“, соопшти Владата.

Слично

Поврзани вести