Економија, финансии, бизнис

Контакт

Владата не сака работен ден од шест часа: Ќе се намали продуктивноста на работникот, газдите ќе треба да вработуваат дополнително

Владата не сака работен ден од шест часа: Ќе се намали продуктивноста на работникот, газдите ќе треба да вработуваат дополнително

Владата го објави записникот од седницата од 7 октомври на која се разгледувал предлогот за законски измени за намалување на работното време во текот на денот од осум на шест часа, при што се дава негативно мислење на оваа иницијатива како неоснована затоа што „ќе се намалела продуктивноста на работникот, а работодавачите ќе се изложат на нови трошоци за да ангажираат дополнитена работна сила“.

Пратеници на Левица во Предлогот на закон за изменување на Законот за работните односи инициран уште од јуни бараат намалување на работното време на шест часа без намаување на платата во услови кога не се чуствува зголемување на куповната моќ на граѓаните.

„Идејата за намалување на бројот на часови кои го сочинуваат работниот ден или работната недела е, неспорно, прогресивна и значи голем чекор напред кон подобрување на правата на работниците. Меѓутоа, ако ваквото законско решение на развиените земји се примени во нашиот национален контекст, ќе предизвика повеќе проблеми отколку корист и за работниците и за работодавачите. 

Имено, Република Северна Македонија има економија којашто се уште е во развој, технолошки недоволно развиена и со пониска продуктивност, а најголемиот процент на извозот е од компаниите кои се странски инвестиции. Во оваа смисла, намалувањето на работното време, од сегашните осум на шест часа, ќе придонесе за уште помала продуктивност или пак за потреба од дополнителни вработувања, што ќе ги зголеми трошоците за работна сила на работодавачите, особено кога целта е работниците и за пократкото работно време, да ја примаат истата плата. Co ова компаниите ќе станат помалку конкурентни на глобалниот пазар и ќе резултира со заминување на странските инвеститори, а негативно ќе се одрази и на нашите компании кои се извозно ориентирани“, гласи мислењето на Владата во објавениот записник.

Од таму се аргументира дека голем дел од економијата се темели на трговија, услужни дејности, јавна администрација, индустрија, односно сектори во кои работата не може да се компримира во шест часа, без тоа да има последици. Според Владата,  пресликувањето на решенија од високоразвиени земји, како што се Шведска и Исланд, е практично неприменливо и тоа не само за нашата држава, туку и за многу други држави, со далеку поразвиени економии од нашата

„Дополнително, во услови кога државата се соочува со ограничен буџет и големи обврски кон пензискиот и здравствениот систем, намалувањето на работното време ќе значи помалку придонеси и даноци и уште поголемо оптоварување на буџетот. Наведените измени на Законот би претставувале краткотраен бенефит за работниците, но на подолг рок би биле неодржливи и би ја дестабилизирале и онака кревката економија на државата. He случајно осумчасовното работно време е стандард во најголемиот дел од државите. Тоа овозможува баланс помеѓу потребите на работниците и барањата на деловните процеси, овозможува доволно време за сработување на потребните задачи, одржување на оптимална продуктивност и ефикасност.“, запишано е во заклучокот од седницата.

На предлогот за законски измени во Собранието на 24 октомври исто така е доставено негативно мислење потпишано од Владата, но со други аргументи. Таму се вели дека работодавачот доколку сака, може да му одреди фллексибилно работно време на работникот. Покрај тоа, овој предлог би го ставил работодавачот во подредена, а работникот во привилегирана положба. Со тоа Владата му предлага на Собранието да не ги донесе овие законски измени.

А.К.


Слично

Поврзани вести