Владата им даде земјиште на американски компании кои произведуваат ГМО храна
Владата на една од последните свои седници се согласи со непосредна спогодба преку договор за закуп да му отстапи земјоделско земјиште на ГЛОБАЛ ХАРВЕСТ ИНИШИЈАТИВ, меѓународна иницијатива со седиште во Вашингтон, зад која стојат големи американски агро-индустриски и технолошки компании.
Интересно е тоа што земјиштето во Дуброво, кај Неготино, е со мала површина од неколку илјади метри квадратни, според одлуката што е донесена, иако засега не е познато каква соработка ќе се развие во иднина со оваа американска платформа за храна. Договорот за закуп на земјоделско земјиште со непосредна спогодба ќе го потпише министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, во рок од 30 дена.
Иако формално не е класична невладина организација, GHI функционира како платформа што ги поврзува приватниот сектор, политиката и науката во областа на глобалното земјоделство во САД. Зад иницијативата стојат мултинационални компании како Archer Daniels Midland, DuPont, John Deere и Monsanto, што практично се работи за застапник на американската индустријата во глобалните дебати за храна и земјоделство.
Во фокусот на иницијативата за формирањето на GHI во 2009 е тоа како да се зголеми производството на храна во услови на растечка светска популација, климатски промени и ограничени природни ресурси. Организацијата се залага за зголемување на продуктивноста во земјоделството преку инвестиции во технологија, истражување и модерни аграрни практики.
GHI е најпозната по својот годишен извештај – Global Agricultural Productivity Report – кој анализира дали глобалното производство на храна расте доволно брзо за да ги задоволи идните потреби. Овој извештај често се користи од влади, меѓународни институции и инвеститори како референтна точка за креирање политики.
Global Harvest Initiative најчесто е критикувана поради својата блиска поврзаност со големи агро-индустриски корпорации и начинот на кој го дефинира „решението“ за глобалниот проблем со храна. Критичарите тврдат дека: GHI повеќе ги застапува интересите на големиот бизнис отколку на малите фармери и дека политиките што ги промовира одат во корист на индустриското земјоделство. Дека форсира биотехнологија како ГМО и дека ова го потиснува традиционалното и органско производство.
А.К.
