Владата може до бесконечност да назначува национални координатори
Владата може неограничено да назначува национални координатори во областите во кои работи, изјави денеска портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски,откако вчера на тие функции беа назначени Роберт Алаѓозовски за култура и Гоце Чакаровски за здравство.
Бошњаковски нагласи дека оваа функција постои и не е нова, а Владата има право да именува такви функционери во сите области во кои работи.
Тој додаде дека не се работи за препокривање на работите кои ги имаат ресорните министерства, туку за повисоко издигнување на координацијата, која постои во одредена област.
– И претходната влада имала национални координатори и сите претходни влади имале национални координатори, рече Бошњаковски.
Владата во моментот има четири национални координатори, според објавеното на нејзината веб страница, а со новите двајцата нивната бројка достигнува шест. Платите им изнесуваат нешто под нивото на министерските.
Владимир Пивоваров.- национален координатор за гранично управување, Стево Пендаровски е национален координатор за подготовка на Република Македонија за членство во НАТО, Павле Трајанов е национален координатор за имплементација на национална платформа за намалување на ризици од несреќи и катастрофи на Република Македонија. И Борче Петревски национален координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам.
