Економија, финансии, бизнис

Контакт

Владата ќе стимулира „прва шанса“ за вработување

Владата ќе стимулира „прва шанса“ за вработување
За две нови мерки од оперативниот план за вработување, со кој годинава треба да се отворат 4.000 работни места, огласите ќе бидат распишани на 3-ти февруари. Првата мерка е наречена „Прва шанса“, а е наменета за лица до 29 години со завршено високо образование. Доколку работодавачите вработат лице со високо образование во студиска 2012/2013 година државата во период од три месеци ќе ги субвенционира за исплата на плата со по 13.000 денари месечно за секое ангажирано лице. Обврска на работодавачот е да ги задржи на работа уште шест месеци по завршувањето на проектот. „Финансиската стимулација во првите три месеци е само поттикнување и на работникот и на работодавачот да дојдат во контакт за работодавачот да се увери во квалитетот на работникот со високо образование, а работникот да има можност да се претстави во најдобро светло“, изјави владиниот портпарол Александар Ѓоргиев. Со првиот оглас за оваа мерка е предвидена поддршка за околу 50-тина вработувања, но ако има интерес Владата е подготвена да ја прошири квотата. Втората новина е мерката со која државата целосно ќе ги покрие трошоците за обука за Д категорија и добивање возачка дозвола. Консултаците со здруженијата на транспортери покажале дека на пазарот на труд има потреба за вработување лица кои имаат возачка од Д категорија. „Кандидатите треба да покажат знаење и од прва да положат за возачка од Д категорија, по што во рок од три месеци ќе бидат вработени кај работодавачи, за што веќе имаме начелна согласност од здруженијата на транспортери“, појасни портпаролот на Владата. Освен овие две мерки, на 3-ти февруари ќе биде објавен огласот за уште една, која се реализираше и во претходните години - вработување кај познат работодавач. Приоритет за аплицирање за оваа мерка имаат млади лица до 29 години, како и лица на возраст од 50 до 59 години. Сите лица кои ќе бидат прифатени од работодавач за да им се врши обука во период од три месеци ќе добиваат по 5.700 денари од државата. По тие три месеци, работодавачот ќе има обврска да задржи во редовен работен однос најмалку 50 проценти од вкупниот број лица кои ги обучувал. Лицата што ќе ги задржи на работа во првите три месеци ќе добиваат по 13.000 денари од државата, наменети за исплата на плата, но работодавачот ќе биде обврзан да ги задржи на работа уште 12 месеци. „За мерката обука кај познат работодавач со субвенционирање на работодавачот се одвоени околу 10 милиони денари, за мерката „Права шанса“, односно субвенционирање вработување млади лица над милион денари, а за обуката за стекнување работни вештини, односно полагање за возачки дозвола од Д категорија милион и 200 илјади денари“, информира Ѓорѓиев. За мерките ќе може да конкурираат само невработени лица, евидентирани во Агенцијата за вработување. Со овие три мерки треба да бидат вработени вкупно 250 лица.  
Слично

Поврзани вести