Владата ќе прости 43 милиони евра долг на Македонски шуми!
Владата ќе му прости на ЈП Македонски шуми долг од најмалку 43 милиони евра. Наместо да ги наплати парите што ова јавно претпријатие ги должи по основ на данок на додадена вредност, данок од добивка, персонален данок на доход, придонеси за пензиско и инвалидско осигурување, камати и обврски по основ на денарски кредити, Владата ќе го зголеми бројот на акциите во претпријатието што го поседува во целост. Законот за претворање на побарувањата во траен влог, предложен од министерството за финансии, веќе е во собраниска процедура и денеска ќе биде предмет на расправа на Комисијата за финансирање и буџет.
Според предлог законот, ЈП Македонски шуми должи 2,6 милиони евра без камата кон Фондот за ПИОМ за неподмирени обврски до 2007 година. Заостанатите обврски по основ на данок на додадена вредност, данок од добивка и персонален данок од доход со камати достигнуваат 35,6 милиони евра само до крајот на 2009 година. Дополнително, Македонски шуми должи 1,6 милиони евра за денарски кредити (главница), како и 2,9 милиони евра казнени камати настанати во периодот од 2000 -2012 година. Вкупните обврски на Јавното претпријатие што ќе бидат простени од државата ќе бидат утврдени заклучно до денот на влегување во сила на овој закон, што значи може да ги надминат првичните 43 милиони евра.
Отпишувањето на долговите доаѓа во време кога Македонски шуми вработува нови 1.600 лица преку огласот објавен од страна на Владата. Дел од ново-вработените ќе останат во Јавното претпријатие, а дел подоцна ќе треба да се распределат низ други државни институции.
Слично
