Економија, финансии, бизнис

Контакт

Владата ни ја зголеми струјата, а ни го намали бензинот и огревното дрво во 2019-та

Владата ни ја зголеми струјата, а ни го намали бензинот и огревното дрво во 2019-та

Увозот на електрична енергија ќе се намали за 25 отсто, производството на термо-електраните ќе се зголеми за 21 отсто, а ќе се редуцира огревното дрво кај домаќинствата и потрошувачката на моторен бензин, покажува енергетскиот биланс кој го донесе Владата за 2019-та базиран на податоци од 2018-та, потреби на потрошувачи и очекувања на производители. Загрижувачки е тоа што потрошувачката на вкупната финална енергија ќе се намали за 4 отсто во индустријата, која и онака е инфериорна во однос на сообраќајот и домаќинствата.

Скапиот увоз на електрична енергија кој учествува со вкупно 6 отсто ќе се намали за една четвртина во однос на 2017-година, односно кога ќе се спореди со две години претходно. Истовремено производството на термо-електраните ќе се зголеми за 21 отсто, а исто така и хидро-електраните како обновливи извори на енергија ќе го задржат доброто темпо како и лани. Потрошувачката на струја во индустријата ќе се зголеми за дури 37 отсто во следните 12 месеци.

Снабдувањето со греење од топланите ќе се зголеми и тоа за 9 и 8 отсто во однос на 2018-та, односно 2017-та. Моторните бензини ќе се намалат за околу три отсто, а приближно за толку ќе се зголеми користењето на дизелот во транспортот. Нафтата за ложење ќе продожи значително да се намалува. Ќе се намалува нафтениот течен гас за нијанса, а нешто повече мазутот, додека ќе се зголеми користењето на керозинот. Компаниите рекле дека во 2019-та ќе користат помалку нафтен кокс, но и други нафтени продукти.

Природниот гас како финална потрошувачка, без при тоа да биде трансфериран во друга енергија пред крајните корисници, ќе се намали за неколку проценти, а ќе се зголеми за 3 отсто кај домаќинствата иако таму многу помалку се користи.

Што се однесува кај јагленот, ќе се зголеми користењето на лигнитот, кој доминира во Македонија и е речиси целосно од домашно производство и тоа за 7 и 3 отсто споредено со оваа и минатата година.

Огревно дрво ќе се потроши 1.085 илјади метри кубни и ќе бележи намалување за 3% на годишно ниво, додека како супститути забележително ќе се зголемат брикетите и пелетите иако нивната употреба кај македонските домаќинства и натаму е многу мала.

Биомасата ќе се намалува, а искористувањето на геотермалните води.ќе се зголемува.

А.К.

Слично

Поврзани вести